Матичните стоматолози од Охрид на суд ќе го оспорат новиот Договор

Малку недоставува голем број од нас да ги затворат своите ординации - порача Трајческа

117

Матичните стоматолози од Охрид денеска јавно го изразија нивното несогласување со новиот договор што им е понуден од Фондот за здравство, истакнувајќи дека нивен став е да не го прифаќаат истиот бидејќи сметаат дека е штетен и за нив, но и за  пациентите.

Тие бараат зголемување на буџетот за примарната стоматологија што изнесува помалку од еден отсто од вкупниот буџет за здравство или четвртина од буџетот наменет за општите матични лекари.

-Револтот го искажуваме заради катастрофалната состојба на стоматолошката фела, чија просечна плата изнесува 15 илјади денари. Бараме отпочнување преговори за промена на подзаконските акти, уредбата за мрежата и усогласување на Договорот со законските одредби на Законот за здравствено осигурување и Законот за здравствена заштита. Истовремено бараме одложување на потпишување на договорот, а континуитетот на работењето да се запази со потпишување анекс на постојните договори за шест месеци – порача д-р. Мирјана Ангеловска.

За состојбата во која се наоѓаат општите матични стоматолози зборуваше нејзината колешка д-р  Лидија Трајческа нагласувајќи дека истата е исклучително неповолна, најмногу поради неправилната поделба на средствата од буџетот предвидени за финансирање на примарната здравствена заштита.

-Ние сме во многу тешка финансиска состојба, немаме доволно средства за нормална работа. Расходите се многу големи, приходите мали, пациенти нема доволно за покривање на тековните трошоци – истакна таа.

Матичните стоматолози од Охрид уште нагласија дека јавноста треба да биде запознаена оти нивниот капитациски бод е далеку помал од оној предевиден за лекарите по општа медицина, притоа забележувајќи дека воведувањето на новите „токени“ за пријавување пациенти значат дополнително финансиско оптеретување за нив.

-Наша заложба е да се определи основен пакет за општата стоматолошката фела, што ќе овозможи минимум средства за тековно работење на една ординација на матичните општи стоматолози. Малку недоставува голем број од нас да ги затворат своите ординации, порача Трајческа.

Општите матични стоматолози од Охрид најавија дека доколку не биде излезено во пресрет на нивните барања, ќе преземат порадикални мерки како протести на национално ниво, па и судско оспорување на Договорот оттаму што сметаат дека е противзаконски.

На територијата на Општина Охрид моментално има 140 стоматолошки ординации, од кои 55 имаат склучено договори за работа со Фондот за здравствена заштита. 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...