4261 Chacabuco Street

849

4261 Chacabuco street е адресата во Оливос, предградие на Буенос Аирес, каде што живеел Адолф Ајхман, под друг идентитет, се разбира, сѐ до 1960 година кога бил „киднапиран“ од Мосад и пренесен на судење во Израел. Подолу ќе објаснам каква врска има оваа адреса со овој текст.

Ситуацијата, имено, со криминалецот азилант, која што некои ја нарекуваат дури скандал на векот во Македонија, можеби и е, ширум ги отвори вратите за секаков вид шпекулации – втемелени на одделни „наоди“ или не, сеедно – дури и кај сериозни луѓе. Тука секако не ги вбројувам типовине од форматот на Орбан, Вучиќ и остала конкурентска (според постигнувањата) братија на нашиот криминалец, ама ни една голема група македонски шпекуланти кои уживаа(т) себеси да се гледаат како „сериозни аналитичари“, чии што „тези“ живеат во нашето секојдневие буквално од денес до утре, до некоја нова нивна „теорија о млакој води“. Ама добро, животот без нив би бил навистина здодевен!

Но, јас себеси не се гледам како претерано сериозен, иако не и баш како типичен македонскоформатен шпекулант, ама оваа наша ситуација, а богами и нашата блиска иднина, просто „плаче“ за секаков тип приказни, добри и лоши. А особено оние кои на некој начин би ги иритирале ЕУ официозусите кои уживаат да ни се претставуваат како некаква „чиста Дана“, ама рацете им се валкани токму од буричкањето по најдолните политички контејнери. Се разбира, и мојава „опција“ е таква – произлезена токму од некаков кримо-политички контејнер, ама мене „ми личи“, за разлика од нив. Односно, ако баш сакате, не сум премногу сигурен во теориите (дури и од поединци кон кои чувствувам сериозна почит, оние од калибарот на еден Денко Малески) дека ние не сме во ситуација да го нервираме „домот“ кон кој стремиме, викан Европска унија. Не сум сигурен заради многу причини, меѓу кои и заради онаа што ситуацијава ме потсетува на вековната македонска „свиткана глава сабја не ја сече“! Што уште треба да ни направат? А таа, вековната македонска, ни висеше над глава и цели дванаесет груевистички години и беше идеја водилка на едно чудо народ од кој што оваа земја очекуваше многу. А доби – ништо! Згора на сѐ, по којзнае кој пат во историјата, дури и современата, остава други да бијат наши битки, во случајов не само унгарската опозиција, туку дури и еден дел од добронамернот европско социјалдемократско движење. А официозусите –  тие се од Марс! By the way, го слушнавте данскиот министер за надворешни работи? Тој, кутриот, и не бил доволно информиран (sic!) за случувањата со криминалецот па не сака да коментира, ама знае / сака од нас да бара да продолжиме со нашите реформи како услов за влез во ЕУ. Од / за Унгарија не знае, не бара ништо. Нормално!

Добро, да не се правам и јас Данец, сосема ми е јасно дека во најголем дел од нештата рацете на македонската политика за некаков поарогантен или барем побезобразен одговор на Унгарија и/или ЕУ се врзани со нашето барање за членство во таа иста ЕУ. И мислиме дека со наведната глава ќе постигнеме повеќе или ќе го ублажиме ударот на сабјата. Можеби. Изборот на „одговорот“ е сепак врз грбот на актуелата политика. Но, да не заборавиме дека и европските официозуси знаат дека рацете ни се, вака-така, врзани, па затоа така и се однесуваат со нас!

Сеедно, мојата фантастична приказна сврзана со крминалецот азилант почнува во Германија, со ликот на Фриц Бауер (1903-1968), во педесетите години на минатиот век државен обвинител на Западна Германија, а завршува на 11 мај 1960 на улицата од насловот. На 19 септември 1957 година Бауер се среќава со Феликс Шинар, шеф на Израелската мисија за репарации во Западна Германија. Состанокот, за да биде најконспиративен, се одвивал во една крчма на автопатот Келн – Франкфурт. На средбата Бауер настапил најотворено велејќи дека има податоци каде се наоѓа Ајхман – најбараниот нацистички бегалец – и волен е информациите да ги сподели со Израел бидејќи нема доверба во Германскиот правосуден систем и неговата потенцијална ефикасност во барањето на пребеганите нацисти. (Звучи познато, нели?!). И тука, така, почнува приказната за „испораката“ на Адолф Ајхман на Тел Авив односно на најпознатото судење на еден воен криминалец и масовен убиец во дваесеттиот век. И сега, моето прашање би било: способна ли е, на пример, Македонија за една ваква операција? Да, знам дека звучи како pulp-fiction филмче, ама зошто да не? Или, ние не сме Израел, а битангана не е Ајхман? Да, знам дека не сме Израел – што и да значи таа споредба – ама не сум сигурен дека битангата за нас не е толку важна колку што Ајхман беше за Израел! Но сеедно, ова и така е, како што реков, едноставна масажа на сивите ќелии, еден вид mak-fiction. Ама сериозно, ќе оставиме ли туку-така да се одвиваат нештата со криминалецот, да ужива „на лепом плавом Дунаву“ со нашите пари чекајќи згоден момент повторно да ја здувне, ама тогаш без трага? Ако ни е веќе речиси во соседството, зошто би го пуштале да бега подалеку, па да трошиме повеќе пари, други ресурси и енергија да го бараме низ белиот свет? И што ако некој нов Бауер, сакајќи да ни помогне, ни дојави каде точно се наоѓа криминалецот и кој би бил најлесно начин да „дојдеме“ до него? Би смислиле ли ние некакво mak-fiction филмче за таква пригода, колку да си го обелиме образот, без оглед на сабјата?

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...