Владата вечерва е осветлена во портокалово во знак на поддршка на глобалната кампања за борбата против насилството врз жените.
„Владата на Република Македонија цврсто стои зад заложбата за нулта толеранција спрема секоја форма на насилство врз жените и девојките“, напиша премиерот Зоран Заев вечерва на фејсбук по повод Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените.
„Неодамна ја ратификувавме Истанбулската Конвенција на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство, а минатиот месец го усвоивме Акцискиот план 2018-2020 за спроведување на конвенцијата.
Насилството врз жените не е само женско прашање, туку прашање кое се однесува на секој еден од нас. Токму затоа мора да работиме заеднички да ставиме крај на истото“, напиша Заев.
„Слушни ме и мене“ е мото на меѓународниот ден, а кампањата која се одржува во светски рамки, почна денеска и ќе трае до 10 декември. Портокаловата боја на кампањата ја симболизира светлата иднина без насилство врз жените.
Според Обединетите нации, една од три жени во светот е жртва на насилство.