Консензуалната претседателка на Македонија

Не е воопшто рано да се разговара за претседателска кандидатура, иако на сите им е позабавно да се занимаваат со бегството на Груевски, притворите на Мијалков, Камчев и тие што ќе ги следат овие денови.

1845

Што значи консензуален претседател во македонскиот политички контекст? Сѐ, само не вистински консензус, бидејќи консензус за избор на шеф или шефица на државата не значи само консензус меѓу најголемите политички партии. Како тоа? Од каде сега оваа фантастична, политички експлозивна помисла?

Што, всушност, им значи консензус на партиите?

Како што се поставени работите сега, консензуален претседател, всушност, треба да биде доволно прифатлив само за СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, а да не му пречи на Али Ахмети, односно да не ги мрази и презира Албанците (барем не премногу). За вемерото, кое сѐ уште го води Мицкоски, политичкиот пулен на бегалецот Груевски, доволно добар кандидат е оној што ќе биде благонаклонет кон разни иницијативи за помилувања и аболиции. И некој што, ако некогаш се доберат до власт, ќе биде послушен. Впрочем, тоа на сите политички партии им одговара.

Не е воопшто рано да се разговара за претседателска кандидатура, иако на сите им е позабавно да се занимаваат со бегството на Груевски, притворите на Мијалков, Камчев и тие што ќе ги следат овие денови. Не е рано за јавна дебата за оваа важна државна функција што 10 години ја окупира непријател на демократијата, чиј кабинет е како Казабланка во мало.

Предност за крими-шпионските приказни

Разбирливо е да очекуваме голем дел од вниманието на јавноста да ја окупираат крими-шпионските приказни поврзани со непосредното минато на режимот. Сепак, добро е да бидеме на штрек. За време на новогодишно-божиќните пијанства можеме да очекуваме и изненадувања во обратна насока, што ќе бидат релативизирани со големи количини руска салата, евтина ракија и петарди со сомнително потекло. Да не заборавиме, формално, Ѓорге Фикус Иванов сѐ уште не ја исцрпил својата моќ од кабинетот да приреди нови, непријатни изненадувања и да долее оган на експлозивното политичко огниште.

Времето до претседателски избори е поблиску отколку што се чини. Изгледа дека граѓанките и граѓаните на Република Македонија (повторно) ќе бидат неми и немоќни посматрачи на пазарењата и триковите што ја следат меѓупартиската комуникација околу консензуална личност што ќе биде соодветна на партиските и би-етничките концепти. Консензусот обично се подразбира како надмудрување меѓу неколку поглавици на политичките племиња во вигвамот до кој нема пристап за обичните членови на тие племиња, а уште помалку на оние што не се дел од политичките племиња.

Избор без избор

Зошто да се постигне консензус? За да им се сервира ограничен избор (без избор) на гласачите и да се мисли (повторно) наместо нив. Да бидат ставени пред свршен чин: мора вака, сѐ друго е губење време и може да биде штетно за овие или за оние – тоа е пораката. Уште еден очигледен доказ дека политичките партии го окупираат општеството, сиот простор во кој граѓанките и граѓаните можат да бидат дел од политичката култура.

Кога етничките партии како вемерото и ДУИ треба да ги прифаќаат кандидатите за претседателската функција, тоа не значи дека тоа е надминување на етничките проблеми, туку нивно привремено и вештачко замрзнување до следната прилика кога ќе им треба одмрзнување на омразата, повторно, за тесните интереси на моќниците.

Нема ниедна причина СДСМ да бара кандидат-ка во консензус со овие политички предатори, бидејќи го промовира и е носител на концептот за едно општество за сите (нели?).

Општеството назад кај граѓан(к)ите

И на крајот на краиштата, ако политичките партии го окупираат најголемиот дел од граѓанскиот простор, можеби токму претстојниот изборен процес е можност за негово повторно освојување, за да им се врати општеството на граѓанките и граѓаните. Да се извлечеме од партиските канџи. И да видиме простор за индивидуалните човекови права, а не да живееме во тесните коридори меѓу етничките колективи.

Затоа, додека партиите се надмудруваат меѓу себе, граѓанките и граѓаните можат да испорачаат свои, над-партиски и над-етнички очекувања. Тие очекувања може да започнат со пораката дека не мора секогаш да се избира маж на таа позиција, туку да се отвори можноста тоа да биде жена.

Каква претседателка?

Претседателката на Македонија не мора да биде партиски определена, не мора да биде само Македонка (или Албанка), туку може да биде и Ромка, Турчинка, Србинка, Влаинка, Еврејка, Хрватка, Бугарка… Или, најдобро – да не е важна нејзината етничка, а уште помалку верската припадност. Да биде интелектуалка и да биде модерна и отворена кон светските политички, општествени и културни трендови. Да биде антинационалистка.

Имаме ли такви? Додека ги пишувам овие редови ми текнува на најмалку 20 такви жени што би можеле да бидат претседателки на Македонија. Само меѓу моите најблиски колешки, сите, без исклучок, можат да бидат претседателки. Во малку поширокото опкружување, знам за најмалку три професорки што можат да ја преземат претседателската функција и да ѝ го вратат достоинството на оваа висока државна функција.

ОК, има и добри машки кандидати. За ниеден од нив не е важно етничкото потекло. И не се сите хетеросексуалци.

Ајде да разговараме за вистински избори, а не само за теснопартиски „консензуси“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...