Министерство за одбрана: ВМРО – ДПМНЕ имаше десет години да ја опреми АРМ, а направи пљачка без преседан

1414

Mинистерството за одбрана реагира на нападите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата на Христијан Мицкоски вчера обвини дека Радмила Шекеринска со нетрпение чекала нови гуми, додека војниците биле без елементарните работи.

Одговорот го пренесувае интегрално:

„ВМРО-ДПМНЕ нека не се грижи за АРМ. Ако толку им беше грижа, имаа време од десет години да ја опремат, осовременат и да ја модернизираат одбраната. Но, за време на нивното владеење единственото нешто за што им беше грижа беше како да ја засилат полицијата за да може да изградат бедем околу нивната криминална влада, незаконски да прислушуваат, да следат и да заплашуваат.

Ние објавуваме за набавки на гуми за армиските возила и за обувки за војниците токму затоа што во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ такви набавки не се ни вршеле. Таква состојба наследивме, оттаму и почнавме.

Но, да ја потсетиме партијата ВМРО-ДПМНЕ чие довчерашно раководство половина е во притвор, а половина во бегство од правдата, дека ние го зголемивме и буџетот на одбраната за 15 проценти, ги зголемивме платите за 10 проценти, а идната година за уште 5 проценти, го вративме плаќањето на дежурствата, ја вративме јубилејната награда, во рекордно време изготвивме Стратешки одбранбен преглед. Од безнадежен случај, земјата за една година ја доведовме на прагот на НАТО. Што направивте вие господа додека бевте на власт?

Јасно е дека не се истакнавте ни во оваа сфера, како ни во останатите, а сега се гледа и зошто. Додека јавноста е вџашена од вртоглавите суми од повеќе десетици милиони евра кои се изнесувани од државата од страна на ваши видни членови во претходната власт, измислувате приказни со цел да ги задушите вестите за оваа пљачка без преседан во македонската и во европската историја. Оттука, и вашето потсмевање со набавените гуми за армиските возила е само уште една демонстрација на арогантен однос кон припадниците на АРМ кои ја делат судбината со останатите граѓани на земјата што ја опустошивте“, велат од министерството за одбрана.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...