Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) утре ќе хиротониса нов владика, епископот полјански отец Јаков. Како викарен епископ на струмичката епархија, тој ќе му помага во раководењето на владиката Наум.
Неговата хиротонија е закажана за утре во манастирот „Покров на пресвета Богородица и свети Леонтиј Ерусалимски“ во струмичка Водоча.
Вечерва ќе биде извршено неговото наречение во манастирот „Свети петнаесет тиверополски вештеномаченици“ во Струмица.
Отец Јаков е вториот викарен (помошник) епископ во МПЦ-ОА. Титула на викарен епископ има и епископот хераклејски Климент од манастирот во Зрзе, кој наедно е и секретар на Синодот на МПЦ-ОА.
Според последните уставни измени на МПЦ-ОА, кои беа потврдени на црковно-народниот собор одржан минатиот месец во струшко Калишта, викарните епископи во Синодот ќе немаат право на глас. Тоа значи дека во иднина викарните епископи ќе присуствуваат на седниците на Синодот, но нема да имаат право да гласаат при носењето одредени црковни одлуки.
Отец Јаков е замонашен во 2005 година од митрополитот Наум во манастирот во Водоча. Од 2010 година е старешина на манастирското братство во манастирот „Свети Антониј и свети великомаченик Георгиј“, во Ново Село. Дипломирал на теолошкиот факултет,,Свети Климент Охридски“ во Скопје. Во 2017 година е произведен за архимандрит во храмот „Свети Григориј Палама и свети Димитриј Солунски“, во Струмица. Во септември годинава е избран за викарен епископ на митрополитот струмички г. Наум со титула епископ полјански. Последен пат нови владици во МПЦ беа избрани во 2012 година, и тоа владиката Јосиф од Полошко-кумановска епархија и владиката Јосиф од Тетовската епархија.