КОРУПЦИЈА ВО МАКЕДОНСКИТЕ МЕДИУМИ (5) Те носат на платени службени патувања да фалиш, а не да критикуваш!

„Доколку новинарот следи некоја владина посета во странство, на сметка на државниот буџет, многу помали се шансите дека критички ќе известува за таа посета, или ќе обелодени некои непријатности, гафови или евентуално скандалозни ситуации, доколку до нив дојде. Плаќајќи ги трошоците, државните функционери обезбедуваат стерилно, некритичко и афирмативно известување за нивните активности“, признаваат новинарите.

2216

Eдно од ретките прашањата што ги постави Истражувачкиот тим на Здружението на граѓани Член 16, во интервјуата со дваесет македонски сопственици или претставници на сопствениците на медиумите, уредници, новинари сениори и новинари јуниори, во рамките на проектот „Лидери во борба против корупцијата – развивање иновативни алатки за борба против корупцијата во медиумите во Република Македонија“, за коe постои сериозна поделеност помеѓу медиумските лидери дали станува збор за облик на корупција, е прашањето за платените службени патувања.

Како што е познато, македонските новинари на патувања надвор од земјата (а често и во неа) најчесто патуваат на сметка на изворите на информации. Најчесто превозот и сместувањето, а понекогаш и другите патни трошоци, ги плаќаат владините институции и помоќните компании. Домаќините најчесто очекуваат новинарите да известуваат за настаните што ги посетуваат, но има и патувања на кои се оди само заради забава, без да се очекува известување.

Нема новинар кој не патувал на туѓа сметка

„Мислам дека нема новинар кој патувал, а некој да не му ја платил сметката, било спонзор или Владата. Мислам дека тоа не е корупциско влијание. Не е корупција, затоа што не пишуваат сите позитивно за тие настани“, вели искусна новинарка. Нејзиното мислење го потврдува анкетиран сопственик на медиум, долгогодишен новинар и уредник. Тој сведочи:

„Да, сум бил повеќе пати 
на такви патувања. Многу 
е важно и кој е клиентот. 
Сум бил гостин и на државни 
институции и на корпорации. 
Треба да се процени ситуацијата. 
Ако државата проценила 
дека треба десет новинари 
да поведе со претседателот 
или со премиерот, тогаш 
тоа така треба и да биде. 
Бидејќи државата проценила 
дека е тоа важно. Слично е 
и со големите корпорации, 
кои функционираат како 
држави во држава. Тоа 
не го сметам за корупција“.

Уште една сениорка во новинарството размислува на сличен начин: „Сум била на такви патувања, но тие патувања не влијаеле на извештаите што сум ги подготвила. Не е корупција ако новинарите се држат до професионалните стандарди на известување. Корупција е ако одбрани новинари се носат наменски. Големите компании најчесто го прават тоа. Порано тоа се случуваше почесто, но сега, со осиромашувањето на компаниите, сѐ поретко“.

Искусeн уредниk, претставник на едно новинарско здружение, во анкетата објаснува:

„Не сум бил на такво 
патување. Кога бев новинар 
во едно наше радио, медиумот
ги плаќаше тие патувања. 
Освен ако не постоел некаков
договор меѓу медиумот и владата, 
за кој јас не сум знаел. 
Инаку, колку што знам, 
претходната влада ги плаќаше 
патувањата за мал избран 
број медиуми, вклучувајќи ги 
МРТВ и МИА. Тиe патувањата, 
во нормални ситуации, би биле 
облик на корупциско влијание, 
бидејќи вие практично 
известувате за активностите 
на оној што ви го плаќа патот. 
За жал, економската состојба 
на медиумите е таква што тие 
многу ретко можат да си 
дозволат да платат службени 
патувања, така што тоа е облик 
на корупциско влијание. Но, 
оставам простор дека новинари 
и новинарски екипи со интегритет 
би можеле да направат дистинкција 
помеѓу платеното патување и 
објективноста на нивниот извештај“.

Патувањето во Тајван – неповторливо

Но, дали е тоа така? Врз основа на што Влада или некоја голема компанија одлучува кој настан има толкаво значење што мора да поведе „десет новинари или уредници“ и да им го плати патувањето? Кој ги избира тие „десет“ и врз основа на што? Кој и со што гарантира дека новинарите на такво патување ќе известуваат објективно и со интегритет? Дел од анкетираните мислат дека ваквите оправдувања не држат и дека во основа, станува збор за класична корупција.

Долгогодишен новинар и уредник во дневен весник сведочи и објаснува: „Сум бил на службено патување со Владата (во Софија во 1999 година, ако не се лажам), кое било целосно платено од Владата. Запознаен сум со неброени примери кога државни институции носеле групи новинари на службени патувања (само да го спомнам примерот со Тајван), за да добијат медиумска поддршка за некој свој потег. Секако дека тоа е облик на купување медиумска поддршка, или во најмала рака, парализирање на критичкото пишување на новинарите. Доколку новинарот следи некоја владина посета во странство, на сметка на државниот буџет, многу помали се шансите дека критички ќе известува за таа посета, или ќе обелодени некои непријатности, гафови или евентуално скандалозни ситуации, доколку до нив дојде. Плаќајќи ги трошоците, државните функционери обезбедуваат стерилно, некритичко и афирмативно известување за нивните активности“.


Македонски новинари во Кина во 
2013 година - корупција или не?

Во новинарски кругови сѐ уште се раскажуваат анегдоти и неверојатни приказни за веќе легендарната новинарска тура во Тајван, кога владата на Љубчо Георгиевски и Васил Тупурковски, придружени од полн авион бизнисмени и многубројни претставници на „седмата сила“, тргна по ветената милијарда. Слични беа и роуд-шоуата на Владата на Никола Груевски, на кои редовно патуваа избрани новинари, при што патувањето во егзотичната Кина, од кое се објавија шокантни фотографии, беше еклатантен пример на трошење државни пати за поткуп на новинарите.

Привилегија само за пријателските медиуми

Највозрасниот меѓу анкетираните, долгогодишен директор и уредник на медиуми, се сеќава на повеќе случаи кога како новинар патувал на туѓа сметка, но тоа било за известување од некои настани, главно во организација на министерства. И најчесто станувало збор за групни патувања, во врска со значајни државни активности. „Сепак, на некој начин и тоа е облик на корупциско влијание“, признава тој.

Искусен долгогодишен новинар во дневен весник вели:

„Тешко е да се најде некој 
што не бил на патување на 
државна сметка. Тоа не е 
во ред. Пораката е - ние 
ве носиме, ние ги плаќаме 
сите ваши трошоци и 
очекуваме афирмативно 
известување. И редакциите 
тоа го прифаќаат. А оние 
што канат, пак, главно 
канат пријателски медиуми, 
наклонети кон таа политичка 
опција. И тоа не е во ред. 
Сопствениците на медиумите 
доброволно влегуваат во 
таа шема“.

Уредник на дневен весник на албански јазик вели: „Сум бил на такви патувања, но во време кога имаше помалку медиуми во Македонија и кога на платени службени патувања одеа претставници од сите медиуми, по систем на ротација. Тоа не беше корумпирање, бидејќи се почитуваше некој ред. Не се делеа медиумите на про и контра. Во последните години, очигледна е тенденцијата е со платени патувања да се наградуваат медиумите за поддршката. Тоа секако подразбира афирмативно известување од тие патувања“.

Како куриозитет треба да се спомне и фактот дека и странски влади носат македонски новинари на бесплатни патувања, со слични намери. Еден од анкетираните имал такво искуство. „Мислам дека тоа беше обид за корупција, бидејќи трошоците што ни беа платени таму беа формулирани како студиски престој. Дури и заработивме од тоа патување“, раскажува тој.

(Читајте во шестото продолжение: Секој има своја цена, ако му се пристапи на вистинскиот начин?!)

Оваа анализа е подготвена со финансиска поддршка од Европската Унија, во рамките на проектот „Граѓанските организации и медиуми против корупцијата – Коалиција за нулта толеранција“. Содржината на анализата е единствена одговорност на авторитети на Здружението на граѓани за одбрана на слободата на говорот и на јавното изразување „Член 16“ и таа не мора да ги одразува гледиштата на Европската Унија.
Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...