На албански јазик претседателот на Собранието Талат Џафери ја почна прес конференцијата веднаш по донесувањето на Законот за употреба на јазиците и порача дека нема да го коментира однесувањето на пратеникот Никола Груевски, кој се обиде физички да се пресмета со него.
– За однесувањето на пратеникот Никола Груевски, поранешен премиер сметам дека нема потреба јас да го коментирам. Секој кој имал прилика тоа да го види ќе си го каже своето. Од дента од кога ја презедов фукцијата бев свесен за предизвиците. Џафери нема да дозволи Собранието да се претвори во сликата од 27 април 2017 година. Основна надлежност на Собранието е да води процедура според Уставот и Деловникот. Правото на секој граѓанин на протест е изричито право и немам никава замерка за граѓаните кои беа пред Собранието. Забелешка имам на однесувањето на дел пратениците кое е недозволиво. Тие изгледа не можат да разберат дека се опозиција – изјави Џафери.
За уставноста на Законот, тој рече дека тоа може да го оценува само Уставниот суд, но не и Собранието.
И на прес- конференцијата имаше напнатост, но сега помеѓу претседателот на Собранието и дел новинари.