Портпаролот на унгарската влада, Золтан Ковач, потврди дека Унгарија не може да дава официјални информации за азилот на Груевски.
Во текст објавен на страницата на ПР службата на унгарската влада, се објаснува дека е „забрането“ да се споделуваат такви информации согласно унгарскиот закон за право на азил и дека таква обврска на информирање земјата има само кон Обединетите нации.
МИА вчера објави дека поради недостатокот на информации за стекнатиот статус на Никола Груевски во Унгарија, нејасно е точно какви права и обврски му следуваат, односно дали и кога ќе може да патува надвор од Унгарија во другите земји на Европската унија.
Освен неколку меки изјави и барања за објаснувања од страна на Европската комисија нема остри реакции за доделувањето азил за експремиерот од страна на Унгарија, земја членка на ЕУ. Брисел постојано потсетува дека треба да се почитува владеењето на правото, но всушност има врзани раце да реагира или преземе чекори против Унгарија во овој случај.
Земјите членки на ЕУ се целосно суверени во одлуките за доделување азил и оттука било каква осуда или коментар на оваа тема од страна на Европската комисија би претставувал преседан, кој би бил политички чувствителен.
Европската комисија би можела да реагира само доколку изнајде нарушување на правото на Европската унија. Тоа е тоа што се обиде да го направи европратеникот од Унгарија, Бенедек Јавор, кој смета дека со доделувањето азил, Унгарија ја прекршила директивата за хармонизација на процедурите за доделување азил од 2011 година. Во една од точките на оваа директива се предвидува дека азил може да се одобри за злосторства кои се сметаат за „политички“. Оттука Јавор цени дека пресудата за корупција на Груевски не може да се смета за „политички“ злостор и затоа не е во согласност со директивата.
Дали ова Европската комисија ќе го уважи останува да се види.
Теоретски, доколку Европската комисија утврди дека е прекршено правото на Европската унија, тогаш би можела да започне прекршочна процедура, како што веќе тоа го прави против Унгарија во делот на миграциската политика.
Ваквата можноста е „многу мала“ според познавачите на состојбите во Брисел, исто така затоа што тоа би му дало дополнително оружје на Виктор Орбан во неговата политичка битка против Брисел и Европската комисија, кои би ги обвинил дека се мешаат во внатрешните работи на земјата.
Фактот што Унгарија толку бргу му додели азил на Груевски исто така изненадува во Брисел и би можело да биде разгледано од правна гледа точка, но за сега повеќето познавачи во Брисел оценуваат дека главната работа се води зад кулисите, далеку од очите на јавноста.
Европската комисија, исто така, треба да биде внимателна со Унгарија затоа што можно заострување на односите би било опасно за самиот процес на проширување за Македонија.
-Многу ќе зависи од тоа каков став ќе заземе Унгарија јавно во однос на отпочнувањето преговори со Македонија на Советот во јуни, објаснуваат во Брисел.
Не е исклучено и во Брисел и во Скопје да се избегнува конфронтација со Будимпешта поради Груевски за да не се загрози процесот на добивање преговори идната година, сметаат некои познавачи на состојбите.
Засега реакции дојдоа само од пратеници во Европскиот парламент. Амандмани се поднесени во резолуцијата за Македонија за која ќе се гласа идната недела, од страна на Социјалдемократите и од страна на Зелените.
Но, повторно, амандманот со најостар речник кон унгарските власти и владеењето на правото, оној на партијата на Зелените, нема големи шанси да биде усвоен, затоа што се смета за „недоволно избалансиран“ и „преостар“, објаснија извори во ЕП за МИА.
Нема речиси никакви шанси Европската народна партија да го поддржи, а мали се шансите и во другите политички партии.