Собранието со 64 гласа „за“, без против и воздржани го донесе Законот за јазиците, без амандманска расправа.
За Законот гласаа и пратениците од немнозинските заедници кои со 24 гласа го донесоа Законот.
Пратениците од опозицијата се обидоа да го спречат гласањето по законот и да побараат процедурално да се обратат, но Претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина седницата и со обезбедување излезе од пленарната сала.
Претходно по обидот на Џафери да ја отвори точката, пратениците од опозицијата, меѓу кои и поранешниот лидер Никола Груевски излегоа на говорницата, по што Џафери даде пауза од 15 минути.
Во Собранието обезбедувањето спречи физичка пресметка меѓу Џафери и Груевски, кој му истури вода на Џафери и му ја извади картичката.
На денешното продолжение на 32. седница претседателот Џафери ја прескокна осмата точка, за Законот за употреба на јазиците и продолжи со читање по останатите точки.
Седницата беше прекината од претседателот Џафери за одржување на координативна средба со пратениците, но опозицијата не учествуваше.
Пратеникот Данев Драган претходно извести дека имало груба манипулација и дека немало никаква координација за време на получасовната пауза во Собранието. Тој побара почитување на деловникот за работа и свикување на Комисијата за мандатно имунитетни и деловнички прашања за да расправа дали тие имаат деловничко право да поднесат и да расправаат за амандманите за Законот за јазиците.
Данев до Џафери, како што претходно известија од ВМРО-ДПМНЕ, требаше писмено да достави две барања и тоа Комисијата за мандатно имунитетни и деловнички прашања да расправа дали тие имаат деловничко право да поднесат и да расправаат за амандманите за Законот за јазиците и на продолжението на 32. седница да се отвори расправа за над 35.000 амандмани за законот поднесени од нив.