Момче и млада жена добија бубрези од тинејџер

Има околу 70 пациенти чии бубрези не функционираат и кои се на листа за пресадување органи, а од од компатибилноста на резултатите зависи кој ќе биде трансплантиран. Рачно се прегледуваат документите и така се врши изборот на пациентите, - рече д-р Мојсова

1320

Момче и млада жена почнаа да живеат нов живот откако вчера им беа пресадени бубрези од млад човек кој почина по тешки повреди. Прексиноќа се случувала вистинска драма на неколку скопски клиники, по добивањето на согласноста од семејството на пациентот кај кого била утврдена мозочна смрт. 

Лекарските тимови итно реагирале за да се пронајдат пациенти на дијализа кои би биле најсоодветни да ги добијат бубрезите. За неколку часа биле направени сите типизации и други испитувања и проверки, и биле повикани двајцата среќници кои, според анализите, можеле да станат приматели на органи.

Националниот координатор трансплатација на органи, која е и директорка на КАРИЛ, Маја Мојсова, изјави дека навистина долго, цели три години, се чекало на ваква интервенција.

– Огромна благодарност и почит до семејството на донорот за овој највисок степен на човекољубие и за тоа што ни одржаа лекција како се сакаат луѓе кои не се ни познаваат. Тие се пример за сите нас како да постапуваме во животот. Има околу 70 пациенти чии бубрези не функционираат и кои се на листа за пресадување органи, а од компатибилноста на резултатите зависи кој ќе биде трансплантиран. Рачно се прегледуваат документите и така се врши изборот на пациентите, имаме софтвер, но сега таму се запишуваат сите потенцијални приматели на органи – рече д-р Мојсова на денешната прес-конференција во Министерството за здравство.

Кога ќе се констатира мозочна смрт, во рок од шест часа семејството треба да реши дали ќе даде согласност за донирање на органите.

Д-р Мојсова нагласи дека ова е мултисекторска работа во која учествуваат многу лекари и друг персонал од КАРИЛ, Клиниката за урологија, за нефрологија, Клиниката за радиологија, Институтот за трансфузиологија.

Директорот на Клиниката за урологија, д-р Сашо Дохчев, кој е и главниот хирург во двете интервенции, е задоволен што двајцата оперирани пациенти добро заздравуваат.

– Одлични се и двајцата, а вчудовидувачки е што брзо им се намалија вредностите во крвта, креатининот, а од хируршкиот аспект се добри и досега без компликации. Едниот пациент, жената, по вторпат добива бубрег, бидејќи првиот го отфрли организмот, па таа веќе една година е пак на дијализа, а кај вториот пациент кој има 35 години ова е прва трансплантација. Голема почит за семејството на донорот, кое треба да е пример. Многу посложена е трансплантација од жив дарител. Имаме уште една причина да станеме членка на Еуротрансплант, бидејќи соработката со нив е многу битна за размена на органи – рече д-р Дохчев.

Министерот за здравство Венко Филипче, рече дека родителите на тешко повреден пациент во состојба на мозочна смрт, успеале во тие тешки моменти да се согласат органите на нивното дете да ги донираат.

– Ги интензивираме разговорите со Евротрансплант, а овие две недели се договара и соработката на овој план со колегите од Хрватска. Се надеваме дека ќе влеземе во листата на земји кои ќе можат да донираат органи и со тоа да им помогнеме на наши пациенти – рече Филипче и најави инвестиција на Клиниката за анестезија, а посебно во Центарот за трансплантација.

Филипче додаде дека ќе се обезбедат и сите неопходни лекови за трансплантираните пациенти.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...