Инциденти во Атина за време на протест против аукција на конфискуван имот

297

Најмалку три лица се повредени, а други три се приведени денеска во Атина, кога демонстранти кои протестираа против аукција на конфискуван имот на граѓани, се судрија со полицијата пред една нотарска канцеларија.

Инцидентот, како што јави дописникто на МИА од Атина, започнал кога насобраната група ја нападнала полицијата со јајца и се обидела да го пробие полицискиот кордон пред зградата, каде што се наоѓа нотарската канцеларија и да ја спречи аукцијата.

Полицајците на нападот одговориле, со употреба на пендреци и растерување на демонстрантите.

Според информативниот портал Ин, меѓу повредените се и фоторепортер и новинар од сајтот.

Дел од грчките медиуми говорат за полициско насилство за време на протестот.

Демонстрантите во голем број се членови и поддржувачи на партијата Народно единство на Панајотис Лафазанис, поранешниот министер во владата на актуелниот грчки премиер Алексис Ципрас.

Тие, секоја среда за кога и се закажани аукции на конфискувани имоти на граѓани што должат на банките, одржуваат протести пред нотарските канцеларии во Солун и Атина и најчесто судирите со полицијата се дел од демонстрациите.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...