Мисијата на земјава во НАТО со седиште во Брисел следната година ќе се зголеми со нови воени и одбранбени службеници, најави денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска на прес-конференцијата на која го претстави Буџетот на Министерството за одбрана на следната година.
– Со промена на нашиот статус, а тој се променува додека зборуваме, се зголемува потребата од позначајна и побројна мисија во НАТО. И веќе ги направивме сите проценки колку луѓе и колку простор ќе ни бидат потребни во новата зграда. Ќе зајакне и воената компонента – рече Шекеринска.
Таа информира дека моментално военото претставништво го предводи полковник Круме Велков.
– Тој беше човекот којшто ја водеше групата за подготовка на Стратегискиот одбранбен преглед и со право сметавме дека тој е најдобриот посредник меѓу она што го велиме армиски реформи АРМ и нашите НАТО воени партнери. Во тек е изборот на уште еден потполковник и уште двајца дополнителни државни службеници кои ќе ја дополнат Мисијата – рече Шекеринска.
Таа додаде дека во буџетот е предвиден пораст бројот на вработени во Мисијата во Брисел.
– Планиран е пораст на бројките во нашето претставништвото во Брисел, како во воениот, така и во делот на одбранбена политика со државни службеници. Следната година треба да размислуваме и за луѓето кои ќе бидат дел од НАТО структурите и ќе доаѓаат од АРМ – рече Шекеринска.