Во своите редовно петочно радио интервју премиерот на Унгарија Виктор Орбан покрај другото зборува и за најактуелното прашање азилот на поранешниот македонски премиер, а сега осуденик и бегалец Никола Груевски.
Орбан тврди дека Владата не одлучувала за азилот на Груевски и не сака да се конфронтира со македонската влада. Тој додава дека е точно оти Македонија побара екстрадиција, но наведува дека тој процес има правен пат и за неа ќе се донесе правна одука.
– Не можеме да ги исклучиме правните процедури, но можеме да овозможиме праведен третман – вели Орбан.
Тој наведува дека Унгарија ќе се грижи за безбедноста на Груевски.
Орбан, сепак, смета дека Груевски одиграл важна улога за време на мигрантската криза. Според него, без Груевски, кој изградил ограда на македонската граница, ниту тој не можел да ја брани границата со Унгарија.
– Човек треба да биде чесен со своите сојузници – вели Орбан и додава дека Груевски тогаш бил негов и сојузник на Унгарците.
Орбан во интервјуто подвлекува дека Груевски сега го прогонуваат организациите поврзани со Џорџ Сорос кој е и негов противник и затоа треба да го заштити.
Унгарија веќе 30 години функционира како демократија, и ова не е прв пат да прима важни луѓе, но претходните случаи немале тежина како тој на Груевски.