Тунтев: Аплицирав за директор на Воздухопловство од лични и од професионални причини

2158

Пратеникот и координатор на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тутев, е еден од кандидатите за нов директор на Агенцијата за цивилно воздухопловство, потврди тој за Плусинфо. Пратеникот аплицирал на огласот објавен во октомври, кој траел пет дена.

Тој дипломирал на Сообраќајниот факултет во Белград на отсекот за воздушен сообраќај и транспорт, со што станал првиот дипломиран инженер за воздушен сообраќај во Македонија. Магистерските и докторските студии ги завршил на Техничкиот факултет во Битола.

– Има неколку причини зошто аплицирав, некои се од лична природа, други од професионална, трети од стручна. Сепак, сѐ уште не сум одлучил дека го напуштам Собранието. Во овој момент јас сум пратеник во Собранието и координатор на пратеничката група на СДСМ и коалицијата, како дел од парламентарното мнозинство. Мојата сегашна професија бара полн капацитет и целосна посветеност на многу професионални предизвици затоа што во рамки на Собранието во тек се активностите што се од исклучително значење за Македонија, за нејзината иднина и за иднината на нејзините граѓани. Од друга страна, АЦВ има директор со мандат кој сѐ уште трае, уште најмалку месец и пол – вели Тунтев за Плусинфо.

Кој од кандидатите ќе го наследи актуелниот директор на Агенцијата Горан Јандреоски, одлуката ќе ја донесе Управниот одбор.

Ако Тунтев застане на чело на АЦВ, тогаш ќе се бара негов наследник и за пратеничката фотелја и за координаторското место.

На изборите во декември 2016 година, тој беше кандидат во Изборната единица 5. На тогашната кандидатска листа на СДСМ, следен на списокот за место во законодавниот дом е Рубин Земон од Скопје.

Кога станува збор за евентуален избор на нов координатор, неофицијално се лицитира со неколку имиња, но не се исклучува ниту можноста привремено функцијата да ја вршат замениците-координатори Јован Митрески и Соња Мираковска.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...