„Па, не сега и не со тие шпиц-чевли!“

3732

Македонија – нејзината поделена политичка елита и нејзината поларизирана јавност, од која таборот на воздржани или незаинтересирани граѓани е најголемата „партија“ на сцената – не е навикната на функционирање на правната држава. Тој однос е искуствен – народски, се вика „дување на маштеница“ – што предизвикува недоверие дури и кога правната држава покажува некакви знаци на живот: ако ги приведеш, зад тоа стои политичка одлука; ако не ги приведеш, пак зад тоа стои политичка одлука; ако е казната висока, таа е политички диригирана; ако е ниска, секако е политички диригирана; ако се судењата згуснати, се одговара на политичките потреби, а ако се развлечени, пак политиката стои зад тоа… Што и да направи правната држава (судство, обвинителство, истраги…), таа се доживува како „слуга“ на политиката.

Мицкоски тврди дека судството е под директна команда на „аболицираниот Заев“. „Кацарска судство“, „десет пати полошо“ од претходното „Сваровски судство“. Вели Мицкоски. Математички прецизно и политички евтино.

Парадоксално, сето горе наведено, и кога делува контрадикторно – може навистина да е резултат на политиката! Топло-ладно, брзо-споро, луто-благо, за сè да е, истовремено, одговорна само политиката.

И потоа се појави СЈО.

Да не должам: начинот на кој делува СЈО – а, како последица на тоа, можеби (само можеби) и некои други позиции во судството – покажува КРУПНА политичка некоординираност со сегашнава власт. И порано се случувало нивните одлуки за истраги и обвинувања (на пример, и покрај долго учената вештина на албанската илегала ништо важно да не се комуницира по телефон, под истрага се и Али Ахмети и Бујар Османи, што сигурно не е баш пожелен контекст за коалицијата на СДСМ со ДУИ), но последните приведувања на Камчев и Мијалков – и уште некои за кои се претпоставува дека ќе следуваат, можеби и додека го читате овој текст – е директен удар во политичкото меѓуножје на Заев!

„Па, не сега и не со тие шпиц-чевли!“, веројатно крикнал Заев, кој деликатно еквилибрира, како струмички факир, околу 80-те гласа во Собранието и околу пожелуваниот, а недостижен раст на економијата!

Се чини тенка таа „жица“ по која оди СЈО: политичарите можат да се пазарат колку сакаат, тие ќе гонат според засновани индиции врз докази, според принципот Кого-удрам-не-жалам. Молам.

Тоа е резултат на љубезноста на Груевски и Мијалков кои на СЈО му оставија во наследство стотици илјади прислушувани телефонски разговори и други видови на нелегално следена комуникација, преполни со криминални содржини. Нивниот обвинителски третман, се разбира, не е сосема без стратегија и тактика (и не дека се секогаш најпаметни!), но тоа е право на легитимната политика во спроведувањето на нивната мисија. Тоа е периметарот во кој „политички“ се движи СЈО, а не резонот на партиската политика во земјата.

И, да, и по закон и по начинот на кој се „роди“ СЈО, тоа има право на странска помош во остварувањето на таа мисија. Цврц! Имаат и сателити и носачи на авиони на располагање. Другата страна располага со крушово топче.

Ова како да не го разбира опозицијата и со постојаните „квичења“ против СЈО си го троши својот кредибилитет, на сметка на стабилната две-третинска поддршка што го ужива кредибилитетот на СЈО во јавноста.

Власта, пак, точно го знае нискиот „плафон“ до каде може да оди во политизирањето на работата на СЈО, ама не може – а и нема каде – да се буни. Си баравте, гледајте.

Тоа значи, може кој што сака да си фантазира и да договара во Собранието и вон него за амнестии, помирувања, милувања и помилувања. Но, како што сега стојат работите, не ми се чини дека ќе има таков кој ќе може да испорача евентуални „помирителски“ ветувања што би ги вклучило и предметите на СЈО. Освен ако не решат здружено, со закон, да го укинат ова обвинителство, макар и низ некаква правна реформска фатаморгана на наводно подобрување на правосудниот систем во земјава.

Ај да видиме има ли такви факири во државава?

 

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...