Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вечерва во интервју за 1ТВ бегството на експремиерот и почесен претседател на партијата, Никола Груевски, го нарече скандалозно.
Toj ги отфрли шпекулациите дека знаел за планот на Груевски и дека за тоа бил запознат на нивната неодамнешна средба.
-Вистинското прашање е како ова се случи. Зошто надлежните институции го дозволиле бегството. Многу добро знаат јас каде се движам, зошто не би знаеле за Груевски, кој беше осуден на две години затвор. Доколку навистина не знаеле тогаш станува за голем пропуст. Крајно време е да престане реалното шоу што ни го приредува власта. Ги охрабрувам во истрагата да ги пронајдат виновниците и помагачите- изјави Мицкоски.
На последната средба со Груевски пред неговото бегство, како што рече, разговарале на неколку теми. Меѓудругото и за сето она што му се случувало на експремиерот, што беше и претходно, како што додаде, квалификувано како политички прогон.
-Немав никакви индиции дека тој ќе побегне -рече Мицкоски.
Тој негираше и дека неговите посети на Србија и Унгарија имале некаква поврзаност со бегството на Никола Груевски.