На прес-конференцијата во Владата на која Сугарески информираше за Предлог-буџетот за 2019 година во делот на транспортот, тој истакна дека на потегот од Куманово до Бељаковце во најголем дел е завршена експропријацијата и оти е во финална фаза потпишувањето на анексот на договорот за завршување на делницата од 16 до 18 месеци.
– Оваа делница требаше да биде готова во септември 2016 година. Надминати се проблемите во делот на експропријацијата. Со потпишување на овој анекс и согласно роковите коишто ќе бидат дадени со изведувачот, овој проблем ќе биде целосно решен – рече Сугарески.
За третата делница од Крива Паланка до бугарска граница се обезбедени 60 милиони евра од страна на ЕУ и во најбрз рок се очекува да се заокружи целосната финансиска конструкција за оваа делница.
Во Предлог-буџетот за 2019 година покрај тоа што се предвидени средства за модернизација на железницата, проектирани се и една милијарда 577 милиони денари за гасификација, дел во кој министерот Сугарески очекува засилени градежни активности следната година. На трасата која треба да минува низ Водно, а за која имаше реакции од страна на еколошки здруженија, министерот рече дека трасата е стеснета и оти овој проект треба да продолжи.
– Во моментов се работи таму. Во изминатиот период имавме преговори со екологистите и на преговорите во Град Скопје и во Министерството за животна средина, ги дадовме сите аргументи и постапивме во делот на стеснување на трасата. Сега сум на тврдење дека сѐ што значи пошумување, ќе биде направено таму. Но, да не заборавиме гасификацијата е еден од најстратешките проекти – подвлече Сугарески, додавајќи дека следната година во план е да биде завршено сето она што е согласно планот на Македонски енергетски ресурси.
Следната година планирани се и средства за изградба на водоводни и канализациски мрежи, меѓу кои и за изградба на водоводна мрежа во индустриската зона Визбегово и во селото Арачиново. За финансиска поддршка на нови авиолинии обезбедени се 84 милиони и 210 илјади денари, а за патната инфраструктура 123 милиони денари. Ќе се градат и социјални станови за што се обезбедени 310 милиони денари, а со средства во висина од 430 милиони денари ќе се покриваат и загубите на јавното претпријатие „Македонски железници“.