Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ на седница одржана вчера констатира дека економските основи и натаму се здрави, без присуство на нерамнотежи. Утврдено е понатамошно стабилизирање на довербата и очекувањата на економските субјекти, видливо преку поволните движења на девизниот пазар и постепеното забрзување на депозитниот раст, а последните оценки се дека и надворешното опкружување е подобро од очекуваното и со тоа има подобар амбиент и помали ризици врз домашната економија.
„Во вакви околности, Комитетот, како што соопшти НБРМ, оцени дека постои простор за олабавување на монетарната политика, при што на седницата е одлучено каматната стапка на благајнички записи да се намали од 3,25 отсто на три отсто, а на аукцијата којашто ќе се одржи денеска понудата на благајнички записи да биде непроменета и да изнесува 25 милијарди денари“, соопшти НБРМ.
Одлучено е да се намалат каматните стапки на расположливите депозити на седум дена и преку ноќ, за 0,20 и 0,10 процентни поени, на ниво од 0,3% и 0,15%.
Од НБРМ појаснуваат дека со оглед на релативно високото ниво на слободни парични средства на банките, коешто во голем дел е насочувано кон расположливите депозити кај Народната банка, преку намалување на каматните стапки на овие инструменти се очекува дека банките ќе ги насочат своите слободни ликвидни средства во приватниот сектор и со тоа ќе овозможат посилна кредитна поддршка на економијата во 2018 година.
Споредбата на последните макроекономски показатели за домашната економија со нивната проектирана динамика во рамки на октомврискиот циклус проекции минатата година, главно упатува на позначителни отстапувања во одделните сегменти.
Во однос на активноста во економијата, податоците за БДП за 2017 година, според Комитетот покажуваат стагнација, главно заради падот на инвестициите, а овие остварувања не отстапуваат значително од проектираниот раст од 0,5 отсто. Притоа, по падот во првата половина од годината, во согласност со очекувањата, во втората половина на годината економијата забележа раст. За првиот квартал од 2018 година достапни се мал број високофреквентни податоци, при што дел од нив, односно податоците за индустријата и трговијата, сигнализираат подобрување на состојбата. Анкетните истражувања укажуваат на натамошно зголемување на довербата на економските субјекти, но со одредено забавување на растот.
Во однос на инфлациските движења, расположливите податоци за февруари 2018 година покажуваат просечен годишен раст на ценовното ниво во првите два месеца од годината од 1,5 отсто, при раст на сите компоненти, а со најголем придонес на базичната инфлација. Инфлацијата во овој период е малку пониска од проекциите, но за дел од увозните цени очекувањата се коригирани во нагорна насока. Во вакви околности, ризиците во однос на проекцијата на инфлацијата за 2018 година од 2 отсто се оценуваат како урамнотежени.