На Груевски ќе му се суди во отсуство и за автопатите

На експремиерот во отсуство ќе му суди и во случајот „Насилство во Центар“, а одлука како ќе продолжи судењето за него, утре треба да се донесе и за случајот „Титаник“.

283
ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI

На експремиерот Никола Груевски кој избега за да не оди во затвор, во случајот за автопатиштата „Траекторија“ ќе му се суди во отсуство.

Ваквата одлука на судот следуваше по барање на СЈО. Обвинителката Лиле Стафанова на рочиштето кажа дека е потребно да се води единствена постапка бидејќи доказите со кои располагаат се поврзани со сите обвинети.

Од друга страна, адвокатот Еленко Миланов побара раздвојување на постапката за Груевски.

Стефанова, пак, рече дека ако експремиерот сакал да присуствува на судењето немало да избега. Обвинителката побара да се определи и притвор за бегалецот, за што судот ќе треба дополнително да се изјасни.

Во „Траекторија“ обвинети се и ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, кој е во притвор во затворот „Скопје“, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и поранешниот директор на ЈП Државни патишта Љупчо Георгиевски.

Според обвинението на СЈО, тие во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа, според СЈО, му нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155 милиони евра и за истиот износ на компанијата изведувач ѝ овозможиле да се стекне со имотна корист.

На Груевски во отсуство ќе му суди и во случајот „Насилство во Центар“, а одлука како ќе продолжи судењето за него, утре треба да се донесе и за случајот „Титаник“.

ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...