Професорите од „Нова“ заедно го празнуваат Денот на благодарноста далеку од дома

1296

Националниот празник Ден на благодарноста (Thanksgiving), кој е еден од најголемите и најомилени празници во САД и во Канада, денеска се прославува и во меѓународното училиште „Нова“ со свечен ручек за сите професори, со посебен акцент на тие кои доаѓаат од Северна Америка. Меѓународното училиште одлучи да го одбележи овој голем празник со своите вработени со оглед на тоа дека „Нова“ е меѓународна заедница во која работат голем број професори од други земји, на кои сака да им овозможи да уживаат во празничното расположение иако се далеку од дома.

Денот на благодарноста во САД се прославува во последниот четврток од ноември. Тоа е семеен празник на кој целото семејство се собира на заедничка трпеза за членовите да изразат благодарност за работите што им се случиле и ги прават среќни, како и да поминат квалитетно време заедно во дружење, разговор и забава.

Дел од професорите во „Нова“ ги споделија своите искуства поврзани со овој празник, традициите што ги практикуваат, најомилениот дел од празнувањето и најубавите спомени поврзани со Денот на благодарноста. Алисија Соренсон е професорка во трето одделение во „Нова“ која во Скопје дојде во август годинава, така што ова ќе ѝ биде прво празнување во Македонија кое ќе го сподели со неколку пријатели со гозба во нејзиниот дом на која ќе подготвува печена мисирка и слатки компири. Соренсон потекнува од малечко гратче во близина на Сиетл, Вашингтон, каде со своето семејство го прославувала Денот на благодарноста.

– Нашата традиција за Денот на благодарноста беше да ручаме рано, околу 15 часот, со поширокото семејство и попладнето го користевме да разговараме, да се дружиме и да уживаме во времето минато заедно. Целото семејство гледа американски фудбал, а мојот омилен дел од оброкот е десертот – вели Соренсон.

Алисија Соренсон

Таа објаснува дека заедничката гозба е најпопуларната традиција за овој ден, но многу познати активности се и парадата „Мејсис“ со големи балони во форма на познати ликови што се одржува во Њујорк, а многу луѓе ја следат во живо на телевизија, како и гледањето на традиционалните натпревари во американски фудбал кои се одржуваат на Денот на благодарноста. Дел од луѓето во САД овој ден традиционално го поминуваат волонтирајќи во народни кујни или во други хуманитарни организации.

– Мое омилено сеќавање за Денот на благодарноста е крадењето полнети јајца кои беа предјадење пред големиот ручек. Моето семејство сака полнети јајца и сите се обидувавме да изедеме што е можно повеќе, сè додека не ги снема или додека не нè фати баба ми која нѐ караше затоа што си го расипуваме ручекот – се сеќава Соренсон.

Професорот по математика во основното училиште „Нова“, Џастин Дервестер, се преселил во Скопје минатиот Божиќ. Тој е роден во Индијанополис, во државата Индијана, каде што луѓето имаат силно развиено чувство за заедница и за семејството.

– Традиција за Денот на благодарноста е целото семејство да дојде кај нас дома и да изедат што е можно повеќе храна. Секој што доаѓа носи храна, а членовите на семејството разговараат, јадат, пијат и гледаат американски фудбал. Вообичаено е да се прејадеш со мисирка и со пита од тиква и да заспиеш пред телевизорот гледајќи некој од фудбалските натпревари – вели Дервестер.

Пред неколку години тој имал многу интересна случка токму за овој празник. Се обидувал да стаса дома во Индијанополис за да го помине Денот на благодарноста со семејството, но имало снежна бура поради која неговиот авион морал да биде пренасочен во едно мало гратче во Канзас.

– Случајно сретнав уште еден човек роден во Индијана кој патуваше натаму и решивме да ги поделиме трошоците за изнајмување автомобил и да возиме до дома. Имавме многу авантури по пат, од делење хотелска соба со единечен кревет, до возење во спротивен правец на автопат. По два дена стигнавме во Индијанополис и по одлично поминатото време заедно го поканив мојот нов пријател да го помине Денот на благодарноста со моето семејство – раскажува Дервестер.

И за Џесика Лончас, која предава во градинката „Нова“ од август, овој Ден на благодарноста е првиот што го прославува во Македонија. Освен на свечениот ручек во „Нова“, во сабота ќе прослави заедно со други пријатели од САД на традиционална гозба кај колега од училиштето. Нејзините најубави сеќавања од овој ден се поврзани со вкусната храна и десерти што учела да ги приготвува од нејзиното семејство. Интересно е што Лончас постојано го прославувала овој празник на различни места, но традицијата била секогаш да го одбележи овој ден со семејството.

Џесика Лончас

– Јас всушност немам роден град. Моето семејство беше во американската морнарица и се селевме многу често кога бев мала. Наша традиција беше секогаш да јадеме заедно како семејство и да поканиме и други луѓе кои немаат каде да одат за празникот да ни се придружат. Моето семејство е мешавина од порторикански, полски и хрватски Евреи, така што секогаш имаме интересна храна за Денот на благодарноста – вели Лончас.

Професорите од странство велат дека сѐ уште ги учат и се запознаваат со празниците во Македонија кои имаат посебна убавина. Но, ниту еден од нив не е сличен и не наликува на нивниот Ден на благодарноста.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...