Во своето предавање, Иванов порача дека многу иницијативи, проекти и преговори што биле наменети за регионите на Балканот, Кавказот и Блискиот Исток пропаднале, нагласувајќи дека во овие региони живеат многу етнички, јазични и религиски групи. Според македонскиот претседател, овие се места каде што се испреплетуваат и каде што се допираат поранешните империи, со што настанувале и конфликти.
„Но каде што биле империите, таму се создавал и отворен простор. Луѓето немале граници и затоа најчесто тие го користиле целиот простор. Балканот е врската меѓу Европа и Блискиот Исток“, рече претседателот Иванов.
Историјата, според него, покажала дека овие регионите живееле во релативен мир и благосостојба, во време кога се дел од отворен простор и затоа е потребна интеграцијата.
„Кој комуницира тој се интегрира, кој не комуницира тој се гетоизира и му требаат непријатели. Меѓу Балканот, Кавказот и Блискиот Исток за време на империите немало граници. Луѓето слободно можеле да комуницираат да се запознаваат и меѓу себе да тргуваат“, рече македонскиот претседател.
Иванов во своето предавање потсети дека и Македонија е домаќин на Светските конференции за дијалог меѓу религиите и цивилизациите и порача дека нашата држава е голем поддржувач и активен учесник во Алијансата на цивилизациите, чија мисија е да промовира дијалог.