Законот што е во собраниска процедура на предлог на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ е закон што е пресеопфатен, дава секаква амнестија, и сметаме дека тоа не е вистинскиот пат за решавање на ова прашање, изјави денеска министерката за правда Рената Дескоска во врска со негативното мислење на Владата за овој предлог-закон.
– Амнестијата што беше опфатена во тој закон беше преширока, така што ставот беше дека евентуална амнестија и други прашања од тој тип треба да се решаваат во рамки на телото за помирување во Собранието – рече Дескоска.
Во однос на тоа како ќе се прави правна селекција за 27 април, со оглед на тоа дека сите се обвинети за терористичко загрозување, и дали ќе има преквалификација на делото за тие што ќе бидат амнестирани, Дескоска рече дека можат да се исклучат определени дела што не би биле опфатени со амнестијата.
– Ако ги отворите законите за амнестија во изминатиот период ќе видите дека имате закони во кои е наведено дека се дава амнестија за дела поврзани со одреден настан освен за тоа и тоа, значи може да бидат по пат на исклучување и секако во рамките на судството и на Обвинителството е дали ќе дојде до преквалификација или не, значи можат да се исклучат определени дела што не би биле опфатени со амнестијата – рече Дескоска на настанот за почнување на твининг проектот „Јакнење на казнено-поправниот систем и пробациската служба“.
Владата вчера на седницата донесе негативно мислење за Предлог- закон за амнестија на лицата осомничени, обвинети и осудени за собраниските настани од 27 април 2017 година, што беше доставен од група пратеници во Собрание на Република Македонија.