Претседателот на Собранието Талат Џафери ја прескокна точката за законот за употреба на јазиците со која требаше да продолжи денешната 32. седница, а седницата продлжи со гласање по други точки.
Пратеникот Илија Димовски уште на почетокот на седницата побара да не се расправа за неуставниот закон за јазиците, а Комисијата за мандатно-имунитени прашања да ги разгледува поднесените повеќе од 35.000 амандмани.
Димовски му порача на Џафери дека нема право да им го скратува правото на пратениците да предлагаат.
-Немате право да му скратите на пратеник да предлага. Ако ви се битни партиските интереси треба да си ја продолжите постапката и да го кршите Уставот и Деловникот. Пратениците имаат право да предлагаат, вие тоа добро го знаете бидејќи за Законот за бранители поднесовте над 15.000 амандмани. Тргнати сте со идеја да ни го одземете едно од основите права. Ако се случи таков преседан денес, таков ќе се случува секогаш, ако денес се донесе таков неделовнички закон, такви закони ќе се носат секогаш – рече Димовски.
Димовски додаде дека нивните амандмани се однесуваат само на 19-те членови за кои претседателот на државата укажал дека се неуставни. Додека пратениците од ДУИ и од СДСМ гласаа за други закони, пратениците од опозицијата бараа пауза.
Џафери даде едночасовна редовна пауза, но откако беа изгласани измените на Законот за продажба на земјоделско земјиште во скратена постапка и на Законот за плати и други надоместоци на избрани и други лица.