„Образованието е најмоќното оружје што можете да го употребите за да го промените светот“, кажа своевремено Нелсон Мандела. Не е случајно што сите диктаторски режими прво ја вбризгуваат својата идеологија во основното и средното образование, а потоа ги освојуваат сите останати сфери во општеството и државата.
Нацификација и мобилизација на наставниот кадар
Ако членовите на Лигата на националсоцијалистички едукатори во 1929 година во Германија беа во едноцифрен процент, нивниот процент десет години подоцна, во 1939 година, изнесуваше 97 проценти од сите наставници во Германија. Слична мобилизација изврши и Мусолини во Италија, а ни во Советскиот Сојуз и другите диктаторски режими по светов, партизацијата не беше помалку масовна.
Колку членови на ВМРО-ДПМНЕ имаше меѓу наставниците во 2006 година, а колку во 2016 година е добро прашање и може да послужи за интересни компарации. Се разбира, во еден момент, можеби треба да се запрашаме и колку смени на дресови и нови членови добиваат партиите што сега се на власт. И каква им е стратегијата за партиска мобилизација. И како сето тоа изгледа во партијата што е најдолго на власт како коалициски партнер и на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ… ДУИ се речиси подеднакво одговорни за сета деградација на демократското ткиво на македонското општество колку и другите партии на „најмнозинската“ заедница.
Социјален и политички инженеринг
Македонската ситуација со наставните кадри во поглед на членство во политичка партија се далеку покомплицирани отколку германската во времето на нацизмот. ВМРО-ДПМНЕ веќе беше на власт во периодот 1998-2002, кога образованието, исто така, беше дел од стратегиите за социјален и политички инженеринг, иако во далеку помала мерка од она што го доживеавме во деценијата на Груевски.
За машала беа и лошите потези во образовниот систем и во периодите на владеење на владини коалиции од времето на СДСМ. Образовните политики на политичките партии на Албанците се енигма. Ако воопшто постојат. Копјата се кршеа во високото образование, од подрум-универзитетот на Фадил Сулејмани до Штуловиот универзитет, по што високото образование стана една огромна, заплеткана смеса од корупција и тапоглавост. Но, вистинскиот отров се служи, во огромни порции, токму во основното и средното образование.
Идеолошката индоктринација во сите претходни периоди беа играчка во споредба со периодот на 11-годишното владеење на Фамилијата на Груевски. Груевски и неговите идеолошки инженери извршија жесток погром врз образованието, како што тоа го направија и во културата, економијата и владеењето на правото. Но, прво почнаа со основното и средното образование, како што тоа го направија Ленин и Сталин, а сега и Путин во Русија, Мусолини во Италија, Мао Це Тунг во Кина, Хитлер во Германија, Енвер Хоџа во Албанија, Милошевиќ во Србија…
Паралелни истории
Што добивме? Децата учат ноторни глупости на училиште. Непознаница за јавноста е дека децата учат различни, паралелни истории, зависно од нивната етничка припадност, нешто од книга, нешто од „усни преданија“. Часовите по историја претставуваат секојдневна беспоштедна идеолошка и етничка пресметка. Без свест и совест, тие што го конципирале ваквото образование, не водат грижа за фактот дека на омразата, поделбите, насилството и злосторствата во реалноста, прво им претходеле мислите и зборовите.
Учебниците, не само оние по историја, се преполни со (само делумно) прикриени идеолошко-националистички содржини засновани на измислици и изманипулирани факти. Да не зборуваме за грешките, од печатни до фактички, во сите останати учебници, за сите одделенија. А за бесплатното школство што ни оддалеку не е бесплатно, нема потреба да разговараме, за да не ја шириме приказната што и онака е преширока.
Што направи новата власт?
И моето размислување за денеска ќе мора да заврши овде, пред и да почнам со подлабоко навлегување во темата. Овде ни оддалеку не се опфатени сите важни аспекти на тревожните состојби со македонскиот образовен систем, туку само неколку брзи белешки, за покренување на алармот. Се разбира, живееме денови на масовна хистерија околу бегството на Груевски, апсењето на Мијалков, Камчев и „остала братија“, блокада на Скопје со по два-тројца „патриоти“ и пет-шест „патриотски“ клупи од парк, така што и овој аларм ризикува да остане неслушнат, но мое е да кажам.
Политичките партии и владини коалиции што доаѓаа и си одеа од троновите на власта создадоа еден океан од отрови. Тие грди, арогантни и насилнички потези ја уништуваат оваа земја во нејзината срж.
Концептот „Едно општество“ на премиерот Зоран Заев нема да успее ако не се отфрли ваквото образование во целост. Не да се поправа. Непоправливо е! Да се отфрли и да се изгради нов систем. Тоа е решението. За почеток, добро е да се одговори на прашањето што направи и што прави Министерството за образование по залезот на режимот на Груевски. Добро прашање, нели?