Стоматолозите ги заболе глава од Фондот, анестезијата ем по желба на пациентот ем бесплатна

Не може пациентот да бара стоматологот да мора да стави бесплатна анестезија и кога треба да му се отстрани заглавена чепкалка или, пак, при чистење на забен камен, а и тоа се случува, реагираат стоматолозите.

2518

Повеќе од 1.400 стоматолози во земјава кои работат во примарни и во специјалистички приватни ординации не ги прифаќаат предложените договори за работа со Фондот за здравство, според чии правила ќе треба да функционираат во наредните 5 години, почнувајќи од јануари 2019 година.

Од Стоматолошката комора на Македонија тврдат дека предлог-договорите се на штета и на стоматолозите, на пациентите, па дури и за Фондот.

– Нема да ги потпишеме договорите, доколку дел од предлозите не се изменат и не се прифатат нашите забелешки кои ги испративме до Фондот. Има суштински недостатоци во работната верзија, која дури и не е за стоматолози, бидејќи речиси секаде во документот фигурира „избран лекар, општа медицина и лекарски тимови“, а не стои стоматологија. Второ, од Фондот бараат „прегледот, дијагностичките постапки и анестезијата при сите терапевтски процедури да се бесплатни…?! Се подразбира дека кога вадиме заб или при витална ендодонција (вадење нерв) анестезијата е во пакетот услуги и не треба никаква доплата за неа, како и досега, но таа не може да се бара при секоја услуга. А за кои други дијагностички постапки се мисли, не може ни да се претпостави – предупредува д-р Маријан Денковски, претседател на Стоматолошката комора на Македонија.

Д-р Денковски појаснува дека уште минатата година на состаноците со надлежните од Фондот било договорено употребата на анестезијата да влезе во „останати услуги“ и тоа само при пломбирање на заби и со доплата, а поради можни нуспојави и контраиндикации крајниот збор сепак да го има стоматологот.

– Не може пациентот да бара стоматологот да му стави бесплатна анестезија и кога треба да му се отстрани заглавена чепкалка или пак при чистење на забен камен, а и тоа се случува. Има и други нелогичности во предлогот, како таа дека избраниот лекар за итни постапки е должен да располага со лекови во количина од најмалку 3 ампули по генерички имиња и соодветно да ги чува и да води евиденција“. Ние не работиме со ампуларна терапија, како општите лекари, туку ординацијата мора да располага со анти-шок терапија, што е неспорно и ампули има уште со анестетици и толку. Потоа, предложената одредба да работиме по медицина базирана на докази, а ние работиме по Протоколи објавени во Службен весник и уште многу други – појаснува д-р Денковски.

Новина во предлог-договорите е и промената на досегашниот модел на плаќање по вид и обем на услуги.

– Не е добра за нас ниту промената наместо на три месеци, да ни се фактурира месечно по 1/12 од буџетот, бидејќи води кон нарушување на основните права од Законот за работни односи. Па во тој случај, стоматологот кој е на боледување, на пример, или на годишен одмор, нема воопшто да добие плата за тој месец кога бил отсутен, ниту пак ќе може да им исплати плата на вработените – додава д-р Денковски.

За сите овие дилеми, Комората по консултација со регионалните одбори, испратила забелешки и го очекува одговорот од Фондот, по што на средба со надлежните во Фондот би ги договариле сите поединости. Стоматолозите ќе инсистираат и само оној колега што има лиценца, да може да го потпише договорот со Фондот.

– Не сакаме да веруваме дека менаџерскиот тим од Фондот не сака воопшто да се сретне со Комората што не се случило од 2005 година, и дека ќе бараат само писмена преписка со нас, пред сѐ, поради изјавите кои пристигаат оттаму за подготвеност за постигање поволен текст на договори и понатамошна партнерска соработка – велат стоматолозите, кои, ако сега не се постигне договор, ќе бараат во следните шест месеци да се работи по постојните одредби, сѐ додека не најдат решение со надлежните.

Од Фондот за здравство засега не ги коментираат забелешките од стоматолозите и не откриваат дали и кои ќе бидат прифатени.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...