Домино ефект: Падот на Мијалков

Со пребегот на Груевски и „падот“ на Мијалков, на најголем број од другите „домина“ – соработници и соизвршители на претходната власт предводена од овој неславен двоец – би требало да им е јасно што ги очекува во бројните судски процеси.

6065

Нема многу изненадени, а ни незадоволни, од притворањето на Мијалков, особено по прославата што траела долго во ноќта во преродената и еманципирана од криминалот на својот почесен претседател ВМРО-ДПМНЕ… Добро, де, тивко славеле, заради комшиите!

Притворот на Мијалков, меѓу другите правни основи – велат, невнимателно „преместувал“ некакви пари деновиве, што можело секако да се сфати во смисла на одредени подготовки – сигурно му е и поздрав од братучед му Никола, овој што од Унгарија ја продолжува „битката за правдата“, „со други средства“, преку фејсбук статуси, меѓу два залаци на Добуш торта. Во ликот и неделото на Груевски го добивме ововековниот Ванчо Михајлов, само во дестилирана криминална верзија.

Јасно е дека Груевски во Македонија нема да биде испорачан од Унгарија, барем не додека е на власт Виктор Орбан. Сега на Груевски навистина животното добробитие му зависи од изгледите на либералната демократија во светот. Тој е во толку силна прегратка со автократијата, што таа ако кивне, него ќе го фати пневмонија.

Што е право, шансите на Грујо долго да се шетка низ Будимпешта не му се воопшто лоши. На пример, за нов шеф на Интерпол – откако самите Кинези, пред некој месец, го уапсија, заради криминал и корупција, кинескиот претседател на оваа меѓународна полициска асоцијација; а и еден пред тоа, од Јужна Африка, го „скинаа“ заради корупција… – деновиве се бира досегашниот потпретседател, Русин, еден полициски генерал, близок соработник на Путин. (Па, како да е можно во Русија да си полициски генерал, а да не си близок соработник на Путин?!) Подобро ќе беше, кога е веќе пуштен којотот внатре, вратата на кокошарникот да ја оставеа широко отворена, барем некое пиле ќе можеше да побегне од таа кланица. Кога овој нов шеф на Интерпол ќе ја посети Будимпешта, претпоставувам дека Груевски, со букет в раце, ќе биде најнапред во официјалната протоколарна редица на Орбан за дочек и поздравување.

Елем, европската левица на изборите идната година за Европскиот парламент ќе помине многу лошо: еден пријател деновиве со право ме потсети дека Британија, а со тоа и британските лабуристи, ќе ја „брегзитираат“ Европската Унија, а германските социјал-демократи се наоѓаат на најниските политички гранки во изминатите две-три децении. Кога поддршката за левицата во тие две бројни европски нации ќе ја исклучите од математиките за новиот состав на Европскиот парламент, јасно е дека десничарите ќе го диктираат „темпото“ во следната политичка деценија во Европа. И тоа не е веќе само онаа традиционална, демохристијанска десница распространета низ целата западна демократија, туку и брзорастечката крајна десница – од фашисти, до демагошките популисти на крајната левица, што му доаѓа на слично – чија поддршка станува со двоцифрени, растечки проценти.

Европа (за светот, пак, ич муабет да не правиме!) сè повеќе потсетува на причините заради кои деновиве се одбележа стогодишнината од завршувањето на Првата светска војна, после што следуваа појавите на фашизмот, нацизмот и комунизмот, што знаеме како и во што потоа се разви. На тоа сега, како супер ефикасен историски адитив, додадете го и Трамп! На развиениот свет како да му здодеаја долгите години на просперитет и мултилатерална соработка, па сака повторно мапата на моќ и влијанија малку да се пререди, да се ‘рчнат, да си ги одмерат националните сили…

Сето тоа, сепак, нема ништо да му значи на Мијалков, бидејќи овде, дури и лошите вести од светот, стигнуваат со долгогодишно задоцнување. Не знам дали наводната кавга со братучед му ја фингираа, но Груевски го надигра, убедливо, што може да се забележи и од сателит, со проста географска локација за тоа кој каде се наоѓа и каде ќе остане на подолго време.

Тие си знаат кој колку пари има, но сите знаеме кој каде ќе ги троши.

Со пребегот на Груевски и „падот“ на Мијалков, на најголем број од другите „домина“ – соработници и соизвршители на претходната власт предводена од овој неславен двоец – би требало да им е јасно што ги очекува во бројните судски процеси. Во таков контекст, претпоставувам дека фејсбук статусите на Грујо ги доживуваат како лична навреда.

Сепак, без да ја прејудицираме правдата, претпоставувам дека и самите знаат дека никој од нив, всушност, не е невин. Без разлика на намерите… И, ах, да, да не заборавам: Ги поздрави Грујо од Будимпешта, порача да издржат и да не ги предаваат идеалите на неговата борба за Македонија!

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...