Како да ја компромитираш идејата за eвропска Македонија во 3 чекори

Доста е со објаснувањата и политичките филмови, публиката ви го разбра сценариото предвреме.

1058

Многу често во блиското минато споделував со јавноста едно лошо чувство што беше провоцирано од начинот на кој го водат процесот евроатлантска интеграција двете најголеми партии СДСМ, како власт и ДПМНЕ, како опозиција.

Друго е прашањето дали покрај ваквите политики на тие два субјекти, истите заслужуваат да ги именуваме како најголеми, но тоа е прашање на демократијата и на следните парламентарни избори, нашите сограѓани ќе си го кажат мислењето по ова прашање.

Но, да се вратиме на идејата за европска Македонија како полноправен член на НАТО. Се надевам дека сите ние се сеќаваме на условите поставени од Алијансата како и оној non-paper на земјите членки, особено на Франција по прашањето за ЕУ интеграциите. Се надевам не сме го заборавиле и г-н Рајнхарт Прибе кој заедно со својот тим изгуби доста време и енергија да ги детектира основните проблеми во нашето општество и ги одбележа во своите препораки кон нас.

Освен решавањето на добрососедските прашања со соседна Бугарија, како и спорот со името со соседна Грција, некако бегаме од моментот кога генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ни сподели и очекувања во насока на владеење на правото и правната држава. Ја заборавивме и јасно изразената недоверба на Алијансата кон структурите за безбедност како и кон дел од кадрите кои работат таму. Заборавивме и за настојувањата на високите претставници на ЕУ за правна разрешница на случувањата од 27 април во македонското Собрание, момент кога некој со сила се обиде да го сруши политичкиот систем во земјава, напаѓајќи го домот на демократијата именуван како законодавен дом.

И до каде стигнавме за овие близу 4 години од објавувањето на таканаречените политички бомби? Започнавме од онаа познатата НЕМА ПРАВДА НЕМА МИР, минавме преку идејата за европска Македонија и стигнавме до Будимпешта.

Почитувани, имаме проблем. Сериозен проблем и тој не е со нашиот културен, верски или национален идентитет, тоа е проблемот со вашиот политички идентитет. Изгубени во овој лавиринт од предизвици, оние кои до вчера зборуваа за владеење на правото, денеска зборуваат за помирување и ослободување од казни. Оние кои беа готови да се жртвуваат во затвор за да ја спасат судбината на земјава денеска се бегалци во држава членка на ЕУ и НАТО, иако до последен момент со дрвја и со камења фрлаа кон идејата за наше членство таму.

За даночната политика и буџетските размислувања не би и проговорил, тие зборуваат сами за себе. Економијата е далеку од посакуваното ниво, но важно е дека иновациите ги потпомогнавме. И во оваа насока би можел да одбројувам уште доста, но да се навратам на европската идеја. Ако денеска нашите сограѓани ги запрашате дали она што го направи Унгарија е во духот на европските вредности, голем дел од нив убедливо ќе ви речат- НЕ.

Зошто секогаш кога нашиот систем, државност и способност ќе кикснат ние ја бараме вината во другите? Па кој му дозволи на Груевски да ја напушти Македонија? Кој е тој што реши првата пресуда да биде точно за случајот „ТЕНК” , купувањето на службеното возило кое останува во сопственост на МВР? Зошто некој упорно ги форсираше двата случаи„ШАМАРИ ВО ЦЕНТАР” и „ТЕНК”? Каде се реалните и тешки криминали на Груевски, неговото енормно богатење и злоупотребите? Не би навлегувал подлабоко зошто секој еден од нас знае за што станува збор.

Каде е сега ЕУ? Каде се европските вредности? Каде е Европската комисија? Ако нашите институции си ја завршеја работата, никој немаше да си ги поставува овие прашања нели?

Преку сопствената неспособност, завиена во формата на политиканство и популизам, преку милион компромиси со правичноста, многу сте блиску да ја срушите идејата за европска Македонија, идеја зад која застанaа илјадници наши сограѓани.

Доста е со објаснувањата и политичките филмови, публиката ви го разбра сценариото предвреме.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...