Премиерот Зоран Заев на денешната четврта седница на Советот за реформа во јавната администрација ја потенцираше важноста на процесот за реформа на јавната администрација, истакнувајќи дека и предвиденото покачување на платите на вработените во јавната администрација, е дел од тие реформи.
-Потребен е јасен фокус за тоа на каде се движи реформата, што е целта, односно што ќе се случува во јавната администрација во наредниот период, а од особена важност е граѓаните да бидат запознаени со сите детали од овој процес. Реформите во администрацијата мора да се спроведуваат на храбар и достоинствен начин, се со цел да имаме продуктивна и поефикасна јавна администрација за сите граѓани- истакна премиерот Заев.
Во рамки на Советот, директорот на Националниот демократски институт Крис Хеншоу и претставници на институтот ја презентираа публикацијата „Предизвици и препораки за подобрување на законодавниот процес“.
Во презентацијата беа опфатени препораките во делот на јакнење на капацитетите за пишување на закони во институциите, подобрување на координацијата помеѓу Владата и Собранието, потребата од усогласување на законите со европската легислатива, како и намалување на бројот на законски измени.
Публикацијата ќе биде претставена и на владина седница, каде после усвојување, ќе следува и имплементација на насоките адресирани во документот.
На седницата на Советот, како што е наведено во соопштението, се обрати и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, кој го претстави првиот полугодишен извештај за спроведување на Стратегијата за реформа на јавната администрација.
-Извештајот покажува дека 27 активности се целосно спроведени, на 36 активности спроведувањето е во тек, а за останатите 9 активности се доцни со имплементација, информираше Манчевски.