Кркај гулаш, Македонијо!

Имам пречувство дека во последната сцена на овој незавршен филм, Грујош цуца коктели на непознат егзотичен остров среде океанот (затоа ли ја пуштија снимката од Сејшелите?), Заев се „повлекува“ на позицијата „консензуален претседател“ и како осамениот и полуден Никсон секоја вечер ги преслушува своите „бомби“, а народот крка гулаш од чучавецот на Европа, со две кришки тостирана преамбула.

7385

Денеска научив како се вика шефот на кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан. Гергели Гулаш. Човече! И веднаш змија ме уапа и сѐ ми стана јасно…
Одговарајќи на пратеничко прашање во парламентот, другарот Гулаш објаснил дека „Македонија има лошо правосудство и очајни услови во затворите“. Што е точно. И додал дека „за ситуацијата во македонското правосудство говорат и извештаите на Европската комисија и Советот на Европа, кои редовно даваат лоши оценки“. Што е уште поточно.

Е сега, при вака регистрирани состојби, унгарските власти не се сигурни дека македонскиот бегалец Грујош Серекеш во матичната земја остварил право на фер судење и не се убедени дека Македонија може да обезбеди услови тој затворската казна да ја издржи без да бидат загрозени неговиот живот и здравје. Како што се загрозени животот и здравјето на стотици македонски осуденици кои издржуваат казна во македонските казамати.

Што е тука нејасно? И зошто тогаш се чудиме дека шансите Груевски „де леге ференда“ да добил азил (во земјата чиј претседател е долгогодишен пријател на Никола) се огромни?

Медиумите веќе објавија вест дека одлуката во Будимпешта веќе е донесена. Министерството за правда на Република Македонија сѐ уште ги подготвува документите за екстрадиција. Министерската Рената Десковска ја уверува јавноста дека има правен основ за екстрадиција на Груевски и дека „нема причина Унгарија да му додели статус на азил“.

Ќе ми биде жал ако на крајот на оваа трагикомедија, во улогата на жртва, се најде токму Десковска, според моето мислење една од поуспешните министерки во кабинетот на Зоран Заев. И ако патем „изгорат“ и некои други невини души, од пониските ешалони на власта.

Зашто, ве молам, да не бидеме наивни. Ова е операција подготвена на највисоко ниво. Се сомневам дека има голема вистина во она што го напиша Софија Куновска на Фејсбук: Ако првата понуда беше „замини си од премиерското место и влакно нема да ти фали, во спротивно ќе објавам снимени материјали“, не знам зошто сте изненадени од последната – „од петок до понеделник имаш фора да те нема“.

За жал, сѐ повеќе се убедувам дека ваков расплет на ситуацијата е договорен многу одамна, уште пред преговорите во Пржино. А ваква режија не може да биде македонски производ. Замислете, пребегал од Македонија во Албанија (пешки!), стасал во Тирана, влегол во унгарската амбасада… И никој да не го види. Мајката! Во земјата најголем американски сојузник на Балканот. Во која не може пиле да прелета без „Бондстил“ да разбере…

Не е исклучено Зоран Заев да не бил запознаен со детаљите од сценариото и со книгата за снимање, но тој мора да сфатил дека игра една од главните ролји во овој возбудлив филм. Како натуршчик. Имам претчувство дека во последната сцена на овој незавршен филм, Грујош, како професионалец, цуца коктели на непознат егзотичен остров среде океанот (затоа ли ја пуштија снимката од Сејшелите?), Заев се „повлекува“ на позицијата „консензуален претседател“ и како осамениот и полуден Никсон секоја вечер ги преслушува своите „бомби“, а народот крка гулаш од чучавецот на Европа, со две кришки тостирана преамбула.

Ебати филмот!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...