Поранешниот премиер, а сега осуденик Никола Груевски, ги исполнил условите да добие азил во Унгарија, објави ексклузивно Унгарски тајмс повикувајќи се на свои извори.
Била спроведена детална проверка на податоците кои Груевски ги навел во апликацијата по што унгарските власти, пишува овој медиум, ги разгледувала стравувањата дека неговиот живот ќе биде во опасност ако се врати во Македонија затоа што македонските власти нема да го заштитат.
Оттука, Канцеларијата за имиграција го донела заклучокот дека ако поранешниот премиер се врати дома ќе биде предмет на прогон од власта во неговата земја.
Ексклузивната информација на Унгарски тајмс, ја пренесуваат сите унгарски медиуми, меѓутоа тие потенцираат и оти ваквата информацијата ниту ја потврдуваат ниту ја демантираат од Канцеларијата за имиграција со образложение дека оттаму можат да му дадат таква информација само на засегнатото лице, во случајот Груевски, и на Комесаријатот за бегалци на Обединетите нации.
Во барањето за азил, пишуваат унгарските медиуми, Груевски потенцирал дека македонската влада презема антидемократски чекори и го злоупотребува судскиот систем, а унгарските власти ги споредиле сите негови наводи со документите и соопштенијата за медиуми во Македонија и утврдиле дека поранешниот премиер не лажел.