Цеца и Криско ги заменија Ријана и Еминем

914

Голем број млади Македонци слушаат балканска музика и не се „палат“ на музичките идоли како Ријана, Еминем, Мадона, Мајкл Џексон, Шакира… Нивните имиња звучат познато, но не сите тинејџери би можеле да кажат барем една песна од нив.

За да видиме на каква музика тинејџерите во Македонија навистина се „палат“, ги прашавме лично нив.

– Најактуелен е турбофолкот. Би рекол дека 70 отсто од ноќните клубови и дискотеки пуштаат ваков тип на музика. Популарни се Николија, Јала, Цоби, Цеца, Саша Матиќ, Маја Беровиќ, МЦ Стојан, Реља, Раста. Мој заклучок е дека лица од 11 до 19 години преферираат ваков тип на музика – ни рече 17-годишниот Марко Велковски од Скопје.

Дека без песните на Цеца не се може, потврдува и 15-годишната кавадарчанка Маја Хаџи-Мустафова.

– Без Цеца не се „тргнува“. Оние на моја возраст сакаат песни чиј ритам постојано се врти во глава. Затоа поголемиот дел се одлучуваат за турбо фолк. Има и такви кои слушаат некој нов „мамбл рап“. Сепак, турбо фолкот се слуша најмногу, особено за Нова Година и слични прослави – рече таа и додаде дека преферира рок и панк.

Таа додава дека за среќа има пријатели кои слушаат ист вид музика како неа, па се теши дека рокот не е мртов.

Прилепчанецот Давор Николоски, исто така, тврди дека најголемите ѕвезди кај нас се Раста, Реља и Цеца.

– Најмногу го слушаат турбофолкот, а потоа и српскиот рап. Има и такви кои слушаат југословенски песни. Поретко е да сретнеш некој што слуша македонски песни – рече 17-годишниот средношколец.

Некои тинејџери велат дека често одат во клуб поради српската музика, а не поради ди-џеј. Како што велат, некои го избираат турбо фолкот бидејќи полесно го разбираат текстот, за разлика од песните на Ријана, Дрејк и Дуа Липа. Други, пак, подобро се расположуваат на турбо фолк, но скоро сите се сложуваат дека чаши се кршат само на „народно“.

На Тиквешкиот гроздобер во септември годинава плоштадот беше полн за настапот на бугаринот Криско, тинејџери пееја со него и покрај дождот кој ги накисна. Но, рекордот го „обра“ Цеца, која штом се појави на сцената, луѓе излегуваа од секаде, а сообраќајот беше запрен.

ФОТО: Настап на Криско во Кавадарци за Тиквешкиот гроздобер

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...