Што државичка сме бре народе македонски. Низ вековите не газеле, газеле но никоj не не сотрел. Како троскот сме никнувале повторно. А не газеле кој ќе стаса. Но, наместо со камен ние со добрина сме им враќале. На сите сме им простувале. Ете Византиците очите ни ги извадиле. Слепи сме оделе. Македонија била во темнина. И пак сме опстоиле.
Турците повеќе од пет века, мајката ни ја расплакале. Но, и на едните и на другите прочка сме им дале. „Наведната глава сабја не сече!“. Така ни велеле од дедо, предедо. И така сме правеле. И Бугарите и во прво и во второ бугарско, не само што убивале, раселувале, туку и се што сме имале вредно од нашиот корен, ни го зеле. Србите и презимињата ни ги смениле и Срби не направиле. И нив им опростивме. Пак сме опсотиле. Господ ли така ни вика на сите душмани да им простуваме.Господ ли така наредил да опстојуваме, ама да не бидеме единствени. Татко на брат, на син рака да крева. Кде се видело татко да ти биде кодош!. Комшијата на нишан да те гледа!. Навистина ли Господ рекол на сите да им простуваме?.
Еве тоа проклетсво и денес не прати. Војна кренаа заради некаква правда за своите. Убиваа. Кога престанаа со пукање им простивме. Се направи договор. Дојдоа нови. Воведоа диктатура.Мислеа вечно ќе бидат. Паднаа. Народот им рече достае. Дојдоа нови и рекоа ќе градиме „живот за сите“. Но, проклетството не дозволи. Македонец на Македонец крена рака. Оние што изгубија не се помирија државата сакаа да ја урнат. Влегоа во законодавниот дом. Кршеа се пред себе. Сакаа и да убиваат. Новите рекоа нема простување особено на оние што ги окрвавија рацете. Но, кај нив повторно нешто се измени. Колнењето се заборави. Повторно она проклетство побара простување. Демек не биле сите виновни што влегле во Собранието! „Заведени“ биле!.
Виновни биле само, оние, организаторите. Така рече премиерот и лидерот на СДСМ Заев. Повика на помирување: „Ајде да седнеме и да си подадеме рака. Левите на десните, десните на левите. Мир да биде. Да се заборави сето она што било!“.
А како бре да се заборават скршените глави, тепањето до смрт, влечењето за коса. Како!?. Еднаш неможеше да се прости ама сега може се само за мир!. Убаво!. Ама до кога?. Оние од ВМРО-ДПМНЕ велат:„Или да им се прости на сите или ние не учествуваме во разговорите!“. Значи ништо не бидува!. Не бидува бре !.Се што ќе предложи Владата и СДСМ за ВМРО-ДПМНЕ нив не чини. Тие знаеле како треба да се води Државата!. Не признаваат Преспански договор. Не сакаат НАТО и ЕУ.Заборавија дека единаесет години беа на власт и ништо не направија, а сега знаеле!. А СДСМ сака простување!.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски побегна. Ја заборави и Македонија, во која се крстеше, и Партијата, а и фамилијата. Побегна не за друго туку за да не лежи во затвор за украдените милиони народни пари. Неговите од ВМРО-ДПМНЕ херој го прават. Зар херои се оние што бегаат од Татковината!. Груевски побегнал зашто Заев и Владата му монтирале политички суски процес. За нив „диктаторот“ , кој владееше единаесет години, пак е херој. Нека им биде херој и никогаш повеќе да не се врати во Македонија! Народот мудро рекол:„На змија или шкорпија никогаш да не веруваш!?. Кога најмалку се надеваш ќе те каснат!“. Голем број неопределени гласно велат: „Да му се прости на Груевски дали ВМРО-ДПМНЕ ќе подаде рака за помирување!?“.
Ете затоа она проклетство ни се повторува , само нас на Македонците!?. Посакувам, на сите да им се прости!.Нема ли да бидам излажан?. Ќе се почитува ли тоа помирување?До кога? Ќе трае ли вечно ? Ќе бидеме ли вистински Македонци и на никого, кој ни мисли зло нема да му простуваме. Ќе се заколнеме ли? Ќе бидеме ли вистински Македонци или како досега еден со друг ќе се газиме!