КОРУПЦИЈА ВО МАКЕДОНСКИТЕ МЕДИУМИ (2) „Ми понуди стан, требаше само да го бранам од градежната инспекција“

Веројатно најдраматичната приказна во анкетата ја раскажа искусна новинарка, која во својата новинарска кариера, во периодот на минатиот режим, имала три такви исклучително непријатни искуства. Нејзините случаи говорат дека корупциските притисоци врз новинарите во Македонија се зло на кое мора да му се стави крај.

6829

Дваесет македонски медиумски лидери, сопственици или претставници на сопствениците на медиумите, уредници, новинари сениори и новинари јуниори, под превезот на анонимноста што им ја гарантираше анкетата што ја спроведе Истражувачкиот тим на Здружението на граѓани Член 16, во рамките на проектот „Лидери во борба против корупцијата – развивање иновативни алатки за борба против корупцијата во медиумите во Република Македонија“, директно говорат и за личните искуства, односно раскажуваат конкретни случаи кога и самите биле изложени на понуда за класичен поткуп и други облици на корупциско влијание.

Уредник, долгогодишен искусен новинар во еден од највлијателните македонски дневни весници, сведочи за една таква ситуација:

„Стануваше збор за понуда на 
претставник на една политичка 
партија јас, како новинар, но и 
ние, како весник, за одреден 
паричен надомест да напишеме
одреден текст во нивна полза. 
Тогаш имаше бурни политички 
случувања и ним им одговараше
да се појави таков текст. 
Тоа беше понудено во интерен 
разговор во четири очи со мене, 
но понудата се однесуваше 
практично за целата редакција. 
Јас ја сослушав понудата, 
ја пренесов во редакцијата, 
но тоа беше одбиено и не се 
оствари“.

„Бев физички нападната пред редакцијата, за да престанам да истражувам“

Веројатно најдраматичната приказна во анкетата ја раскажа искусна новинарка, која во својата новинарска кариера, во периодот на минатиот режим, имала три такви исклучително непријатни искуства. „Во првиот случај, имав забрана да истражувам за конкретна приказна за добиен тендер. Во случајот, на некој начин, бил инволвиран и сопственикот на медиумот. Тука стануваше збор за директно јавување и ургенција од негова страна. Бев повикана и кај главниот уредник, каде што ни беше речено да се прекине секакво истражување за конкретниот тендер“, раскажува новинарката.

Вториот случај бил по серија објавени текстови за повеќе тендери, во кои набавувач било Министерството за внатрешни работи, а сите тендери ги добивала една фирма. По серијата написи, новинарката се соочила со директна ургенција од институцијата, како до неа така и до сопственикот на медиумот, да се престане со секаков вид текстови на таа тема, а образложението било дека се урива угледот на институцијата. „Имав и индиректна понуда за мито – раскажува таа – од сопственикот на фирмата која глатко ги добиваше тие тендери на МВР, сѐ со цел да се прекине истражувањето“.

„Исто така, имав уште еден случај,
по серија текстови за моќник 
во една институција. Имав и 
закани, а бев и физички 
нападната пред просториите од
редакцијата, од лица кои сакаа
на тој начин да се прекине 
со објавување на скандалозните
објави за тој моќник, во кои 
стануваше збор за перење пари. 
Случајот не го пријавив 
во новинарските здруженија, 
но регуларно го пријавив во МВР, 
од каде што добив само 
известување дека лицето е 
предупредено дека веќе не 
смее да му се случи таков 
испад“, сведочи новинарката, 
која и денес е активна.

„Колку чини да не нѐ критикувате?“

Интересно сведоштво, иако за настан кој се случил поодамна, раскажа и уредник со безмалку тридецениско работно искуство во професијата:

„Како млад уредник во еден дневен весник, во скопската рубрика, ме посети господин кој се претстави како инвеститор на зграда, кој има проблеми со група граѓани која гo оспорува неговото право да гради. Тој носеше документи и предлагаше да напишеме сторија во која ќе го браниме неговото право да гради, зашто постоела ‘опасност’ градежна инспекција да му ја запре градбата и дозволата да му биде одземена, или воопшто да не му биде доделена, не се сеќавам добро. Доколку успееме во тоа, предложи со заговорнички тон, ‘јас ќе можам да ви помогнам лесно да дојдете до стан во мојата зграда, ако успеам да ја изградам’. Му одговорив дека тоа не доаѓа предвид, дека јас така не работам. ‘Знам, рече, дека вие сте скоро оженет, дека живеете под кирија, ако вие ми помогнете мене, нема зошто јас да не ви помогнам вам’. На тоа го прекинав состанокот и го замолив да ја напушти канцеларијата“.

И уредник во весник на албански јазик сведочи дека имал многу понуди за класичен поткуп, а како најинтересен издвојува еден настан од понов датум: „Бев повикан од претставник на партија на власт, со кој што се познавав по други основи. Накратко, ми беше предложено да постигнеме договор да не ги критикуваме. Не да ги фалиме, туку да не ги критикуваме. И бев прашан колку ќе чини тоа. Му одговорив дека ја згрешиле адресата и дека можеме да ги сочуваме приватните односи, но за таков начин на поддршка од мене и од медиумот не треба да се надева“.

Уште едно сведоштво од искусен новинар, кој сега работи на полето на социјалните мрежи: „Од еден многу висок политичар ми беше кажано да пишувам на тема за која не пишував. Ако постапам така, ми рече, постојано ќе бидам на службени патувања и годишни одмори. Во вториот случај, една фармацевтска компанија практично ми понуди помош за мене, помош за стипендирање на близок и решавање на некои други материјални потреби“.

„Со свои очи видов список на новинари што ги плаќало МВР“

Анкетираните многу отворено сведочат и за туѓи, речиси фрапантни искуства на класичен поткуп на новинари, како и за новинари кои редовно се на платни списоци на познати компании, па дури и на институции. Сопственик на медиум што беше интервјуиран тврди дека не само што има слушнато за такви списоци, туку има и лично искуство со тоа. „Ми било нудено да бидам на таков список, но не сум прифатил. Во МВР имаше таков список. Сум го видел“, вели тој.

И уредникот од медиум на албански јазик вели дека е запознат со таков случај:

„На сопственик на медиум на 
албански јазик му се понудени 
и му се дадени 10.000 евра 
од страна на македонска партија. 
Но, не за да ја поддржи 
таа партија, туку медиумот 
да биде критичен кон 
ривалската партија. И тоа 
функционираше, а мислам 
дека договорот сѐ уште 
не е истечен“.

Сепак, еден од анкетираните, човек со долго искуство во професијата, кој помина неколку години во медиум во кој корупцијата беше практично одомаќена, предупредува дека во случајот на класичниот поткуп, станува збор главно за договори во четири очи. Од тие причини, поголем дел од анкетираните одбиваат директно да посочат на случаи на кои не биле сведоци. Новинарот, сепак, вели: „Од она што се гледа во јавноста, од она како се менува стандардот на некои новинари и уредници, јасно е дека станува збор за збогатување преку ноќ, како последица на надворешен фактор“.

Со други зборови, можеби во некои случаи треба да се следи трагата на парите. Во македонското новинарство мал е бројот на новинари и уредници кои самите се сопственици на медиуми, а уште помал е бројот на таквите сопственици кои успеале нивните медиумски проекти да станат самоодржливи, профитабилни и предмет на аквизиции. Во таквите случаи, лесно е да се докаже потеклото на „богатството“ стекнато со новинарски труд. Но, затоа, пак, има случаи кога уредници и новинари располагаат со добра кои тешко можат да се стекнат со скромните македонски новинарски и уреднички плати. Тоа упатува на претпоставката дека новинарите не се секогаш јунаци во сториите, дека не секогаш ги одбиваат понудите за поткуп и привилегии и дека можеби има и случаи кога и самите поттикнуваат корупција.

(Читајте во третото продолжение: Новинарска плата помала од 500 евра сама по себе поттикнува корупција)

Оваа анализа е подготвена со финансиска поддршка од Европската Унија, во рамките на проектот „Граѓанските организации и медиуми против корупцијата – Коалиција за нулта толеранција“. Содржината на анализата е единствена одговорност на авторитети на Здружението на граѓани за одбрана на слободата на говорот и на јавното изразување „Член 16“ и таа не мора да ги одразува гледиштата на Европската Унија.
Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...