Можеби сме „хистерични”, ама не сме будали!

Видете, другари, наводно хистеричната јавност се голем број на луѓе, кои одржале некаков здрав разум и кои повеќе од некаква форма, бараат суштински промени, кои пак не само што доцнат да се случат, туку станува сė поочигледно дека заради милион компромиси и дегенерацијата кои власта ги носи, нема никогаш да се случат.

2324

Пази ваму, веќе некое време, неколку луѓе, идеолошки или материјално блиски до оваа власт, си дозволуваат јавноста да ја опишуваат како хистерична.

Сега не ни навлегувам што мислат под јавноста, широк поим, ама секако мислат на оние кои секојдневно критикуваат, бараат подобро, и општо земено, не се на линија со владиниот ПР и пропаганда.

Хистеричната јавност бара решавање на загадувањето.

Бара да се прекине со праксите од режимот. Бара можеби да не се даваат истите криминални тендери како и во времето на режимот.

Замислете, дури и бара да не се делат пари на владини функционери и нивните семејства. Бара можеби да не правиш лоповски буџет како оној на Груевски. Или да не партизираш како до вчера што правеше Груевски.

По некој се дрзнува да каже дека е погрешно да бидеш зависник од Сашо Мијалков и селективен во потрага на правдата, зошто ти требаат неговите 8 слуги со кои сакаш да глумиш помирување.

Постојат уште мал милион теми на кои „хистеричната јавност“, очигледно во заблуда, бидејќо тој народ не живее, хистеризира. Можеби најголемата хистерија е што луѓе бараат одговорност од властите кои дозволија непријателот број 1 да избега.

Или можеби само сакаат потајно да ни кажат дека разбираат зошто сме „хистерични“ ама не им се допаѓа таа форма на комуникација во јавноста.

Видете, другари, наводно хистеричната јавност се голем број на луѓе, кои одржале некаков здрав разум и кои повеќе од некаква форма, бараат суштински промени, кои пак не само што доцнат да се случат, туку станува сė поочигледно дека заради милион компромиси и дегенерацијата кои власта ги носи, нема никогаш да се случат.

И сега лимитот на толеранција и разбирање доаѓа при крај. Ме интересира кога оваа магла од пред очи ќе падне, и народот повторно ќе најде некаква енергија, којзнае, можеби и деструктивна, како тогаш ќе го квалификувате.

Не ви бевме хистерични кога ги баравме истите работи заедно со вас во опозиција, ама сега еднаш, кој во високата политика, а кој во смрадот на реалноста и изневерените ветувања, ние сме хистеричните.

Па види, можеби и подобро, можеби сме хистерични од стравот да го изгубиме и тоа малку здрав разум што ни остана, и да се предадеме на голиот прагматизам на власта, а со тоа, и да се лоботомизирaме како власта, која заборави каде, со кого и за што стоела.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...