Снегот на Шапка не се мери веќе „од око“, туку со сензор од САД

729

Сензор за мерење на снежната покривка пред неколку дена е монтиран на Попова Шапка, па отсега нема „од око“ да се мери колку снег наврнало на оваа планина. Овој апарат, кој чини 1.000 евра, стасал од САД.

Директорот на Управата за хидрометеоролошки работи, Ивица Тодоровски, појаснува:

– Произволно никогаш не се мерела висината на снежната покривка на Попова Шапка, туку, на времето, таму имало и вработени, кога функционирал пунктот на Шапка. Во последниве 7-8 години таму нема луѓе, туку работи само автоматската станица. Со ваков сличен сензор, кој ја мери само висината на снегот – вчера, на пример, таму биле измерени 17 сантиметри снег, располагаат уште две мерни станици – во Сливово, Дебарца и во Градско. А автоматската станица на Попова Шапка ја мери и температурата на воздухот, атмосферскиот притисок, дожд, брзина на ветер и други параметри. Во целата земја имаме 44 автоматски станици. А овој сензор долго го чекавме, а не е набавен од буџетот на Управата, туку го добивме како донација во рамки на проектот Полог 1 – вели Тодоровски.

УХМР има 19 главни метео-станици кои се распоредени во земјава.

– Во овие станици наши вработени прават „круг“ со податоци за времето во текот на 24 часа, а сите се опремени со конвенционални инструменти на кои важните податоци се мерат, отчитуваат и внесуваат во базата на Управата. Во зима, на пример, многу ни е важно мерењето на количеството врнежи, па освен нашата мрежа на дождомери, имаме уште стотина дождомерни станици кои се поставени во дворови на луѓе кои ги мерат врнежите и ни доставуваат податоци, за минимален месечен надомест – вели директорот на Управата.

Тој додава дека во февруари годинава бил инсталиран најнов прогностички модел за временска прогноза, а реновирани биле и три руинирани метео-станици: во Крива Паланка, Штип и во Демир Капија.

– Сега уште 6 станици се реновираат, а, по цели шест години, е поправен и радарскиот систем во Ѓуриште, кој е битен за брзо предупредување бидејќи може да даде исклучително важни податоци. На пример, за време на поплавата во Стајковци пред две и пол години, овој систем, за жал, не функционирал. Средствата за капитални инвестиции ги зголемивме за шест пати, па оваа година 2,4 отсто од буџетот на Управата ќе одделиме за оваа намена – додава Тодоровски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...