Пребеганиот поранешен премиер Никола Груевски денеска е главна тема на пратеничките прашања во Унгарскиот парламент. Откако Груевски избега во Будимпешта и побара политички азил од тамошните власти, унгарските пратеници „бомбардираа“ со прашања до власта во врска со азилот, кои услови Груевски ги исполнува за тоа, и дали е точно дека Унгарија му помогнала да избега од Македонија.
Балаш Орбан, државен секретар во кабинетот на премиерот Виктор Орбан, објасни дека осудениот Груевски добива специјален третман затоа што бил 10 години премиер пренесе „Индекс.ху“.
Тој беше прашан за специјалниот третман за Груевски, бидејќи според унгарскиот закон, специјален третман за барател на азил следува во случај да е дете без придружба од родители, бремена жена, лица со посебни потребни или телесен инвалидитет и други ранливи лица.
Тој одби да одговори како Груевски пристигнал во Унгарија преку Албанија, Црна Гора и Србија, но тврди дека унгарските власти не му помогнале.
Пратеникот Арато Гергели од Демократската коалиција, пак, меѓу другото прашува дали е вистина дека Груевски е сместен во некој од имотите на премиерот Орбан. На ова Шаба Домотор од канцеларијата на премиерот Орбан одговори дека „Груевски легално престојува во Унгарија“.
Од ЛМП – партијата, пак, иницирале формирање на парламентарна комисија за да ја истражи аферата со Груевски. Марта Деметр, копретседавач на партијата на денешната прес-конференција појаснила дека барањето е оправдано поради извештајот дека станува збор за случај со сериозни дипломатски и безбедносни ризици по Унгарија и значајно влијае врз угледот на земјата. Таа потврди дека од партијата поднеле и тужба за илегална миграција и барање до унгарското МНР да бидат објавени сите информации во врска со бегството на Груевски од Македонија во Унгарија.
Фото: EPA/GEORGI-LICOVSKI