Степенувана амнестија во неколку закони ќе предложи телото за помирување

Од телото за помирување велат дека законот или законите нема да се однесуваат на оние кои се осомничени, или обвинети по командна одговорност.

1204

Степенувана амнестија или помирување ќе биде клучно во законот или во повеќе законски решенија кои ќе ги предложи собраниското тело за помирување, брифираат за Плусинфо членови на телото. Кон крајот на неделава телото за помирување ќе ги обелодени пред јавноста решенијата со кои на Собранието ќе му предложи закон или закони со кои ќе треба да се амнестираат учесниците во настаните во парламентот на 27 април, односно тие кои не извршиле насилство.

– Работиме на драфт верзијата. Предлозите на телото се да има степенувана амнестија, односно во зависност од дејствата кои ги сториле учесниците на 27 април. Едно е јасно дека ќе нема ан блок амнестија за сите учесници од 27 април, како што предлага ВМРО-ДПМНЕ. Не сме прецизирале дали ќе биде амнестија, помирување… бидејќи можни се еден, два или три закони со кои би се опфатиле тие лица. Битно е законските решенија да може правно да се спроведат. Законите ќе бидат во духот на изјавата на премиерот Зоран Заев, односно ќе ги опфатат тие кои не биле насилни и не тепале – вели член на телото.

Телото за помирување ќе се состане во четврток или во петок кога се очекува да бидат готови драфт – предлозите на законите.

Од телото за помирување велат дека законот или законите нема да се однесуваат на оние кои се осомничени, или обвинети по командна одговорност. За предлозите за амнестија е запознаен и координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, но дека немаат повратен одговор.

Мицевски за Плусинфо демантира дека бил консултиран за законите за амнестија.

– Никој се нема консултирано со мене за некакви закони за амнестија. Ако сакаат амнестија нека го поддржат нашиот предлог закон кој на 26 ноември е на пленарна седница. Сѐ друго е селективна правда. ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува ни во телото за помирување, ни во нивните закони за селективна амнестија – вели Мицевски.

Против амнестија за учесниците од 27 април е и партијата на Зијадин Села.

– Категорично сме против амнестија бидејќи тоа е мешање на власта во судството. Ако станува збор за помирување тогаш треба да има помирување и помеѓу Албанците и Македонците бидејќи има монтирани судски случаи во кои невини Албанци лежат во затвор. Против амнестија сме и бидејќи во сите извештаи на ЕУ се бара казна за учесниците во настаните од 27 април. Казни мора да има, за 27 април да не се повтори – велат од Алијансата за Албанците.

Премиерот Зоран Заев во интервју за „360 степени“ најави можна амнестија.

– Ако тргнеме во делот на помирување преку помилување во делот на законска регулатива или слично, тоа не е мешање во владеење на правото, тоа не е мешање во правосудниот систем. Парламентот има стриктно свои надлежности и може да донесе одлуки – рече Заев.

Претходно закон за амнестија на сите учесници од 27-ми април поденесе ВМРО-ДПМНЕ. Побараа пратениците да изгласаат стопирање на кривичниот прогон за сите обвинети, но и ослободување на сите досега осудени.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...