Кога истражните и безбедносните служби на ЕУ би навлегле подлабоко во бизнис релациите на функционерите во државите членки и аспиранти за членство во најкомплексната унија во историјата на човештвото, веројатно би откриле толку густ и отровен талог што и самите би се исплашиле. Погледнете ја само листата на афери и скандали што се откриени во изминатите дваесетина години во кои се имплицирани највисоките функционери во земјава, но и на оние во нашата околина.
Неразјаснети атентати, убиства и несреќи, грабежи на банки и поштенски пратки, исчезнати милиони, дрога, доказни материјали, исчезнати документи и луѓе, лустрации кои тоа не беа и што ти не… Во голем број од тие афери се вмешани и регионални и меѓународни елити на директен или индиректен начин.
Соработка со криминалниот режим
Во времето на медиумски мрак и железна рака на партијата на власт што целосно ја зароби државата, се правеле зделки со вртоглави суми, се прелевале пари од едно до друго место, па се враќале во земјата како „странски“ инвестиции. Прашањето на кое веројатно никогаш нема да добиеме целосен одговор е колку политичките елити во регионов соработувале со криминалниот режим на Груевски.
Бегството на Груевски покажува колку тие елити дозволуваат границите на нивните земји да бидат порозни и да обезбедат непречена проодност за еден осуденик од ваков калибар. Албанскиот претседател Илир Мета, еквилибрира меѓу оценките „политички прогон“ и „признавање вина“, на начин што и куририте можат да си ја толкуваат како поддршка на нивните стопани и пошироката јавност како поддршка на осудата за кукавичкото бегство.
Во лавиринтите на парите и моќта
Ни малку не е наивно прашањето на премиерот Заев за тоа дали Груевски можеби влегол во дипломатско (екстериторијално) возило против своја волја и поминал низ четири земји од кои три се членки на НАТО, за да стаса кај својот ортак, премиер на земја членка на ЕУ. Груевски знае премногу, за сите овие да дозволат тој да оди на повеќегодишен престој в затвор.
Ни оддалеку нема да биде чудо ако Груевски заврши и во некоја сосема друга држава (Русија, на пример) или некоја друга во која парите, влијанијата и моќта се скриени во лавиринти тешки за одгатнување. И да поминат години пред тој да биде изведен пред лицето на правдата. Или, уште подобро за сите нас, тие да го испорачаат како пакет на нашата граница, откако претходно ќе се осигураaт дека тој нема да пропее или, ако пропее, никој да не му верува.
Ликвидација на Груевски?
Или, најлошата од сите варијанти, да го ликвидираат токму оние структури со кои до вчера соработувал! Да се разбереме, нема сомнеж дека Груевски не е само другарче со државниците низ регионот, туку соработувал, перел пари и правел дилови и со подземјето во Македонија и низ светот. А тие функционираат според сосема поинакви правила од оние на кои, помалку или повеќе, се придржуваат политичките елити во земјите низ кои поминал за да избега од Македонија. Да, тоа би било најлошо, без оглед на тоа колкумина токму тоа му го посакуваат, бидејќи потребата за правда не подразбира потреба за одмазда. Ликвидацијата не е правда, туку отворање простор за неброени неправди и насилство. Подобро политичка, отколку физичка ликвидација, нели?
Затоа, најмудро за Груевски е да се врати дома, каде што го чека „Хашка соба“ во Шутка, лекарска грижа и редовни посети од семејството и верниците што ги создаде низ годините на своето лошо владеење и уште полошо поведение. Ако смее.