Европската конвенција и Законот за меѓународна соработка во кривичната материја, правен основ за екстрадиција на Груевски

258

Министерството за правда забрзано работи на комплетирање на потребната документација за екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски, но не посочуваат кога точно ќе биде завршена и испратена во Будимпешта. Велат дека поради сензитивноста на материјалите, засега не можат да дадат повеќе информации.

Од Министерството нагласуваат дека има правен основ Македонија да побара екстрадиција од Унгарија за Груевски, а тоа е Европската конвенција за екстрадиција и Законот за меѓународна соработка во кривичната материја.

Груевски, по бегството кое уследи откако требаше да се јави на издржувањето на двегодишната затворска казна за набавката на владиниот „луксузен мерцедес“, побара политички азил во Унгарија. Во македонското Министерство за внатрешни работи беа отворени две истраги. Со нив треба да се утврди како избегал Груевски и дали некој од полицијата му помогнал, по што се очекува МВР да излезе со детали.

Досега, македонското МВР и Обвинителството не излегоа со официјални информации за бегството и движењето на Груевски и за тоа каде се пропустите во целиот случај.

Она што досега се знае за рутата по која се движел Груевски, а за што потврда стигна од албанската полиција, е дека тој бил на албанска територија и од таму преку преминот Хан Хоти се упатил кон Црна Гора. Портпаролот на албанската полиција за АТФ изјави дека Груевски во Абанија несомнено влегол пеш, бидејќи неговиот влез не е регистриран на ниту еден граничен премин меѓу Македонија и Албанија. Од Албанија влегол во Црна Гора од каде, според српските и црногорските медиуми, кои се повикуваат на дипломатски извори, влегол во Србија преку граничниот премин Добраково, а оттаму заминал за Унгарија.

Дел од домашните медиуми вчера ја пренесоа и информацијата на бугарски „Фокус“ дека Груевски ја напуштил Унгарија и заминал за Турција или Русија. Но, од македонското МВР велат дека според официјалните информации што ги имаат, Груевски и натаму е во Унгарија каде што чека политички азил.

Со стапувањето во сила на Законот за меѓународна соработка во кривичната материја во декември 2013 година како новина е воведена скратена постапка за екстрадиција, која му дава можност на бараното лице да се согласи да биде предадено на правосудните органи на сопствената земја, без при тоа да биде спроведена формална постапка за екстрадиција. Во оваа постапка роковите за преземање се многу кратки и рокот го одредува државата во која лицето е притворено.

Од досегашната пракса рокот за преземање при скратена постапка се движи од еден до два месеца, но има и случаи кога може скратената постапка да биде реализирана и во рок пократок од 30 дена.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...