Иронијата со ЕУ-границата и бегалецот Груевски

806

Посебноста на случајот Груевски, според третманот од страна на надлежните државни органи во Будимпешта, добива во значење бидејќи станува збор за единствениот бегалец кој без никаков проблем ја преминал речиси херметички, со бодликави жици затворената граница на Унгарија, која е и дел од надворешната ЕУ-граница. Тоа јасно зборува дека сепак постојат исклучоци во однос на нултата-толеранција против бегалците, како прашање со кое силно се профилираше премиерот Виктор Орбан, покажувајќи силен отпор против мигрантската политика на ЕУ и заложбите на Европската комисија за воведување на солидарни бегалски квоти.

Но, за иронијата да биде поголема, „пропустливоста“ на унгарската граница за македонскиот бегалец и пријател на Орбан се случува токму во време кога Европската комисија истапи со предлог за натамошно зголемување на веќе предимензионираниот долгоречен буџет на ЕУ за периодот 2021-2027 година, во чии рамки значајно место заземаат и напорите на Брисел да воспостоави ефикасна контрола врз движењето на миграните кон Унијата.

Од гледна точка на критиките, предлогот на Европската комисија се опишува како драстичен и крупен чекор со кој се зафаќа енормна сума од 1,3 билиони евра, за финансирање на сè поголемата над-државност, милитаризација и за зацврстување на ѕидините околу границите на ЕУ.

Најголемата промена во споредба со претходниот долгорочен буџетски период е дека средствата наменети за „тврдината Европа“, и тоа пред сè граничните контроли се зголемуваат двојно, на вкупно 340 милиони евра. Меѓу другото, Европската комисја смета дека бројот на заедничките ЕУ-граничари треба да се зголеми од денешните 1.200 на 10.000. Тие граничари ќе добијат надлежност и да влегуваат на територијата на одделни земји-членки и да ги запираат бегалците и без претходна согласност на земјите-членки. ЕУ-граничарите ќе можат да влегуваат и во земји вон ЕУ за да го пресечат движењето на бегалците и да ги држат подалеку од Унијата.

Мерките што се преземаат за заштита на надворешните граници на ЕУ, кои и во актуелниов миг се мошне ригорозни, очигледно не важат за Груевски и неговиот „посебен статус“. Што се однесува до третманот на мигрантите, Унгарија во изминатиов период беше изложена на остри критики поради сместувањето бегалци во лимени контејнери во меѓуграничните зони додека се разгледуваат нивните азилантски барања. Организации за човекови права обелоденија податоци дека дел од тие бегалци во одредени случаии дури не добиваат ни јадење. Возвраќајќи на критиките, шефот на унгарската дипломатија упати забелешки до Обединетите нации, дека не е никакво „човечко право“ да се овозможи некому да се насели во Европа.

Но додека речиси сите баратели на азил добиваат негативен одговор, бегалецот Груевски доби можност неговата молба да биде разгледана не во некој екстериторијален брлог во транзитна зона, туку во центарот на Будимпешта, при што од владејачката антимигрантска партија Фидеш дојдоа сигнали што би можеле да се толкуваат и како предвремена одлука, односно дека „Груевски е прогонуван и е под закана од левичарска влада што е под влијание на Џорџ Сорос“, кого Орбан го смета за свој главен противник. И Груевски, впрочем, долго тврдеше дека демонстрациите во Македонија, поради кои беше принуден да поднесе оставка, биле „финансисрани од Сорос“, иако таквите негови тврдења никогаш не беа поткрепени со докази.

Во секој случај, аферата Груевски станува сè поголем проблем за Унгарија, а едновремено предизвикува и сериозна главоболка во Брисел, во однос на дилемата дали ЕУ би требала да се замеша во поединечна азилантска одлука во една земја-членка. Брисел вложи голем труд за постигнување на договорот меѓу Македонија и Грција, што би требало да го деблокира и отвори патот кон зачленување на Македонија во ЕУ и НАТО. Доколку Брисел сега одлучи да не се меша и остане целосно настрана, тоа од страна на македонската Влада, која се надева дека членството на Македонија во ЕУ еден ден ќе стане стварност, би можело да биде протолкувано како непријателски чин.

Во шведскиот печат деновиве беше пренесен твитот на унгарскиот опозициски политичар Иштван Ујхељ, дека „станува очигледно оти единствената шанса да се добие азил во Унгарија е доколку станува збор за осуден престапаник што водел мафијашка држава, и кој е најдобар пријател со Путин и Ердоган“.

Но очигледно е и тоа дека Груевски станува баласт во еден поширок контекст. Како за оние во Македонија, кои можеби веруваат дека со неговото бегство барем се ослободиле од физичкото присуство на еден таков тежок баласт во компликуваните состојби на домашен план, така и за унгарската Влада, доколку сепак реши да оди до крај и да му одобри азилантска заштита на Груевски.

Но во најнепријатна положба најверојатно би се нашла самата ЕУ, чиј углед би се нашол под силен удар, доколку реши да остане неутрална во однос на еден ваков – тежок баласт.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...