Пред Собранието заврши протестот во организација на движењето „#Бојкотирам уставни промени“ преку кој беше побарано стопирање на постапката за уставни измени, поништување на Договорот од Преспа, трајна заштита на името на Македонија…
Учесниците, како што рекоа, се против нелегалната промена на името и бришењето на АСНОМ, и побараа оставка на Владата, распуштање на Собранието, вонредни парламентарни избори, како и да не се повторат настаните во Собранието од 27 април минатата година.
Најавија дека од утре ќе почнат блокади на главните сообраќајници и крстосници со возила и механизација и протести во Скопје и во сите градови низ Македонија се додека не се исполнат поставените барања.
Освен на социјалните мрежи и вечерва ги повикаа граѓаните да им се приклучат, а во Скопје ќе бидат секој ден пред паркот Жена парк од 16 до 20 часот. Ќе бидат тука и на први декември кога е предвидена седница на Собранието за предлог амандманите на Уставот за промена на името на државата.