Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска во Аман беше примен со највисоки државни и воени почести од Кралот на Хашемитското Кралство Јордан, Абдула Втори Ибн Ал Хусеин, во рамки на неговата официјална посета на Јордан.
На средбата, како што соопшти Кабинетот на претседателот, стана збор за севкупните билатерални односи меѓу Македонија и Јордан, а беа разгледани можностите за нивно продлабочување во повеќе области од заеднички интерес.
– За нас е од огромно значење што вие ја признавте Република Македонија под нејзиното уставно име. Тоа многу значи за нас и за нашиот народ, особено за многу Македонци кои живеат во Јордан. Ние како две земји, иако сме на различни простори, и Македонија на Балканот и Јордан на Блискиот исток, се земји кои покажуваат модел на успешен соживот. Хашемитското Кралство Јордан претставува позитивен пример кој придонесува за стабиноста на Блискиот Исток. Затоа, со задоволство можам да истакнам дека соработката на нашите две држави на полето на разузнавањето, размената на информациите за заканите од Блискиот Исток кои доаѓаат во Европа се од огромно значење за нас. За разлика од другите држави кои ја толерираат различноста, во Јордан и во Македонија таа се почитува. Почитувањето на различноста е многу повозвишена филозофија од толеранцијата – рече претседателот Иванов.
Јорданскиот крал Абдула Втори на средбата со претседателот Иванов нагласил дека ова е важна посета.
– Во мое име, во името на Владата и на народот на Јордан ви посакувам добредојде. Ова е важна посета за нас. Ова е можност за нас да ги надградиме разговорите што ги имавме во Обединетите Нации пред неколку месеци. Главната работа е што имаме силни врски преку нашите студенти што одат во вашата земја и се надевам дека со вашето присуство тука можеме да идентификуваме различни области што можат уште повеќе да не зближат. Политички, имаме многу добри односи, исто така на разузнавачко ниво, и на воено ниво имаме oдредена соработка. Почестени сме што ве имаме тука и би сакал да ви посакам топло добредојде на вас и на вашата делегација и посакувам успех – рече јорданскиот крал Абдула Втори.
Во рамки на посетата на Јордан, претседателот Иванов ќе оствари средби со премиерот на Кралството Јордан Омар Разар, со претседателот на Сенатот Фаисал Ел-Фајез, со спикерот на Претставничкиот дом Атеф Таравнех, како и со членовите на Претставничкиот дом.
За време на посетата на Јордан, македонскиот претседател ќе одржи предавање во Советот за светски прашања на тема: „Балканот, Кавказот и Блискиот Исток: Бермудскиот триаголник на Европа“ и ќе го посети Бирото за дизајн и развој на Кралот Абдула.
Македонскиот претседател во Јордан е придружуван од сопругата Маја Иванова, која оствари средба со Кралицата на Хашемитското Кралство Јордан Ранија Ал Абдула. Во рамки на Дамската програма, Иванова ќе ги посети Фондацијата „Jordan River“, невладина организација чиј фокус е безбедноста на децата и зајакнување на заедницата, како и Детскиот музеј „Јордан“, кои се основани од Кралицата Ранија.