Филипче: Купивме 12 возила за Брза помош и заштедивме над 12 милиони денари

533

Министерството за здравство преку електронска аукција набавии 12 возила за Итната медицинска помош (ИМП), соопшти министерот Венко Филипче.

Тој вели дека за оваа набавка министерството испланирало 30 милиони и 500 илјади денари, но по спроведената електронска аукција, постигната е цена во вкупен износ од 18 милиони и 300 илјади денари.

– При набавката на амбулантните возила постигната е најниската цена на чинење, со што Министерството заштеди 12 милиони и 240 илјади денари или околу 200 илјади евра – истакна тој.

Според него, набавени се квалитетни возила од реномиран производител. Одлуката за избор на најповолен понудувач ќе биде објавена во понеделник, а договорот ќе биде потпишан за 12 дена, согласно законот за јавни набавки.

Според препораките на Светска Здравствена Организација, на 50.000 жители треба да има по едно возило на Брза помош. Досега во град Скопје се функционираше со само 6 возила. Со оваа јавна набавка, се обезбедуваат дополнителни 6 возила со што се зајакнуваат капацитетите на Брза помош за 100 отсто, а воедно, според Филипче, се задоволуваат и стандардите на СЗО.

Останатите 6 возила ќе бидат распределени низ целата држава во оние здравствени домови каде е најмногу потребно.

– Министерството е во постапка и на донација на уште 3 амбулантни возила од Чешка кои ќе бидат дополнително распределени. Верувам дека подобрување на условите за работа, набавката на возила и зголемувањето на платите ќе биде дополнителен мотив за колегите – здравствените работници во давање на квалитетни здравствени услуги, а од сите овие реформи најголем бенефит ќе имаат македонските граѓани – додаде министерот Филипче.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...