Груевски од Македонија до Унгарија – исчезнат, избеган, „киднапиран“

Министерството за внатрешни работи на Република Македонија не излезе со официјални податоци за бегството и движењето на на Груевски и за тоа каде се пропустите во целиот случај. Премиерот Заев вчера рече дека е отворена двојна истрага која треба да  утврди како избегал и дека кога таа ќе заврши, МВР ќе ги соопшти сите детали.

632
ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI

По неуспешниот обид да му се достави упатен акт од судот за издржување затворска казна од две години за предметот „Тенк“ и откако полицијата наиде на затворена врата во неговиот дом, во понеделникот главно прашање беше каде е поранешниот премиер Никола Груевски.

Утредента стигна одговорот дека експремиерот избегал од државата, а секој нареден ден во изминатата седмица се редеа информации кои бегството го дополнуваа со детали. Премиерот Зоран Заев  вчера праша и дали доброволно ја напуштил Македонија или е „киднапиран“ откако се обелодени дека унгарски дипломати го придружувале на патот кон Будимпешта каде што побарал политички азил.

Самиот Груевски во вторникот околу 13 часот се јави од Фејсбук дека е во Будимпешта каде бара политички азил поради закани по живот во Македонија. Попладнето МНР ја проверуваше веродостојноста, унгарското МНР отпрвин ниту ја потврди, ниту ја демантираше, за вечерта на 13 ноември, пет часа по објавениот фејсбук-статус, и МВР соопшти дека Груевски е во Унгарија и дека по него е распишана меѓународна потерница.

Реакциите се вжештија околу тоа како Груевски, кому поради судските предмети му беше одземен пасошот, ја напуштил земјава, како патувал и каде поминал на патот до Унгарија. Се бараа виновници за бегството на експремиерот, министерот Спасовски и претседателот на Кривичниот суд Џолев си ја префрлаа  одговорноста зошто не му бил одреден притвор и зошто не биле преземени мерки за следење. Паралелно се кристализираше целата слика со детали од движењето кон Будимпешта кои се објавуваа во медиуми во земјите во регионот:  Груевски бил превезуван со дипломатско возило на Унгарија и во придружба на дипломати од таа земја.

Албанија во четвртокот официјално потврди дека од нејзина територија Груевски заминал кон Унгарија. Во неделата на 11 ноември во 19:11 часот тој излегол од Албанија преку преминот Хан Хоти во правец кон Црна Гора, како патник во автомобил сопственост на Амбасадата на Унгарија во Тирана. Портпаролот на албанската полиција Гентиан Мулаи, пак, вчера за АФП изјави дека Груевски во Албанија несомнено  влегол нелегално пеш, зашто неговиот влез не е регистриран на ниту еден граничен контролен премин меѓу Македонија и Албанија. За да не привлече внимание, рече Мулаи, Груевски границата меѓу двете земји требало да ја премине пеш: „дали кај Преспа – југоисточна Албанија, дали преку Дебар – североисточна Албанија“.

Српските и црногорските медиуми, пак, повикувајќи се на дипломатски извори вчера ја доразјаснија маршрутата – во Унгарија влегол преку Србија. Со напомена дека македонските државјани можат непречено да влезат во Албанија, Црна Гора и Србија со лична карта и дека до 13 ноември за Груевски не била распишана меѓународна потерница, подгоричкиот весник „Вијести“ објави дека Груевски влегол во Црна Гора на 11 ноември во 19.19 часот преку граничниот премин Божај, а во 22.16 часот истиот ден ја напуштил земјата на граничниот премин Добраково со Србија.

Според весникот „Побједа“, на влезот во Црна Гора со Груевски биле двајца носители на унгарски дипломатски пасоши – Кулсар Антал и Варсалваи Шаба, а кога влегувале во Србија, го придружувале Часар Јозеф Золтан и Фелеѓази Шаба, исто така со дипломатскиот пасоши на Унгарија. Медиумите во Подгорица објавија дека во Србија експремиереот влегол со автомобил во кој биле Часар Јозеф Золтан и Фелеѓази Шаба, кои имаат дипломатски пасоши на Унгарија. На веб-страницата на Унгарската амбасада во Подгорица се наведува дека Золтан е заменик-амбасадор на Унгарија во Црна Гора, а Шаба е конзул.

Министерството за внатрешни работи на Република Македонија не излезе со официјални податоци за бегството и движењето на на Груевски и за тоа каде се пропустите во целиот случај. Премиерот Заев вчера рече дека е отворена двојна истрага која треба да  утврди како избегал и дека кога таа ќе заврши, МВР ќе ги соопшти сите детали.

Во меѓувреме унгарските власти соопштија дека го разгледуваат барањето на Груевски за азил. Македонското  Министерството за правда подготвува обемна документација за неговата екстрадиција која, според Владата, има 800 страници и деновиве официјално ќе и биде доставено на Унгарија.

– Очекуваме Унгарија да го потврди пријателството кон Македонија и почитувањето на меѓународното право, односно да го одбие барањето за азил, да го екстрадира Груевски и тој тука да ја отслужи казната затвор – рече премиерот Заев.

Заев е уверен дека Груевски ќе биде вратен во Македонија, посочувајќи на примерот со поранешниот хрватски премиер Иво Санадер, кој откако беше осуден во 2010 година заради корупција избега од Хрватска, но една година подоцна беше фатен и испорачан на хрватските власти.

– Ако се утврди одговорност, ќе понесе одговорност пак кој сака нека е во државата, почнувајќи од мене, па кој било друг. Но, не можеме да разрешуваме луѓе, затоа што е гневна јавноста. И порано се поставуваше дилемата дали Заев се договорил со Груевски со Пржинскиот договор, па испадна дека не се договорил. Сѐ што сум кажал, така било. Јас кажувам дека Груевски ќе биде вратен. Унгарија треба да каже дали бил киднапиран, дали по своја волја влегол во дипломатско возило – изјави Зоран Заев.

ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...