Собранието денеска во 13 часот треба да ја продолжи 32 седница на која на дневен ред се амандманите на Законот за употреба на јазиците во трето читање.
Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ која има поднесено над 35 илјади амандманивчера изјави дека пратениците од неговата партија ќе учествуваат на седницата на Собранието, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ бара разгледување на амандманите и отворање амандманска расправа.
– Токму денот кога отпочна воениот конфлит во Тетово, а тоа е утрешниот ден на парламентарна седница се става на дневен ред овој противуставен неприменлив закон за употреба на јазиците. Апелиравме од Струмица за разум, да имаме чувство бидејќи во оваа држава имаме повеќе етнички заедници да имаме соживот, да се почитуваат комшиите но некој друг има поинаква цел – рече Мицкоски.
Власта верува дека Законот за јазиците ќе иде изгласан неделава.
Седницата за Законот за употреба на јазици требаше да се одржи во минатата недела, но поради немање договор меѓу владејачките партии дали да се отвори расправа по амандманите поднесени од ВМРО-ДПМНЕ обидот за собраниска седница пропадна.
Законот за употреба на јазиците е во трето читање во Собранието, а од ВМРО-ДПМНЕ поднесоа 35.569 амандмани со образложение дека законот е неуставен и треба да се повлече.