Инвестиции во образованието и иновативноста како и промена на структурата на економијата од семјоделска во високо технолошки услужна се клучните финската економија да се вброи во најуспешните во светот. Ова на денешната панел-дискусија на тема: „Финска како економија на знаење“ на Стопанската комора го истакна амбасадорот на Финска во Србија задолжен и за Македонија и Црна Гора Перти Иконен.
Иконен презентраше неколку факти за образованието во Финска и развојот на економијата од земјоделска во високо технолошка.
– Ние во Финска се обидуваме децата да ги научиме да размислуваат и да бидат иновативни, а тоа е основа на нашето образование. Образованието е целосно бесплатно и достапно и исто во главниот град и во Лапонија исто за богатите и за сиромашните. Само најдобрите студенти можат да бидат наставници, а тие имаат целосна слобода како ќе ја реализираат наставата и каков однос ќе градат спрема учениците. Ние им веруваме на нашите наставниџи – рече Иконен.
Тој посочи и дека наставниците треба да имааат магистерски студии и добиваат сертификати за настава без кој не можат да изведуваат настава. Инаку, тие дневно имаат само 4 часа настава и два часа неделно за професионално усовршување.
Во Финска децата не одат на училиште пред седумгодишна возраст и за време на школувањето не се оптеретуваат премногу ниту со часови ниту пак со настава. Не се оценуваат ниту тестираат. Се тестираат само еднаш до 16 години кога се определуваат за факултет. 43 отсто од децата посетуваат средно стручно образование и многу изучуваат странски јазици.
Вакви резултати финското образование, како што рече финскиот амбасадор, се постигнати само со градење на сопствен систем кој не е копиран од никаде.
– Во одделни години бевме еднакво рангирани со образовниот систем на САД, но ние не бевме задоволни од тоа, работевме понатаму да го усовршиме образованието за да имаме просперитетна економија- рече тој.
Според она што го презентира Иконен на денешната панел дискусија, Финска пет отсто од домашниот бруто производ инвестира и во иновации кои се клучни за економскиот развој.
Овој пресврт во економијата, како што рече финскиот амбасадор, е направен во 1990 година кога е осознаено дека на економијата и е потребна поинаква структура.
-Ние веќе не произведуваме мобилни телефони. Нашата Нокиа веќе не произведува, но затоа нашите софтверски решенија се вградуваат во скоро сите мобилни телефони. Ние сега продаваме патенти – рече Иконен.
Финска, како што рече, има многу мала администрација, нема корупција, а граѓаните не се бунат против даноците, зашто знаат дека парите се трошат во образованието, бесплатното здравство, во иновациите. Покрај другото финските граѓани се прогласени и за најсреќни во светот а тоа е резултат на целокупниот развој постигнат последните години.