Шуга кај второодделенец, училиштето во Козле под засилен надзор

Нема потреба да се затвори училиштето во Карпош за еден случај на шуга, но ова дете нема да посетува настава додека не се излекува, бидејќи станува збор за заразно заболување

850

По појавата на шуга кај еден ученик, основното училиште „Владо Тасевски“ во скопската населба Козле е под засилен мониторинг. Но нема никаква потреба од паника кај родителите и кај децата, бидејќи, веднаш по пријавата, уште денеска е направена дезинфекција, а вработените ќе бидат едуцирани како навреме да ја препознаат болеста изјавија за Плусинфо од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Ученикот, кој оди во второ одделение, ќе се врати на настава кога ќе донесе лекарска потврда дека е излекуван од шуга. Поради дезинфекција, денеска училиштето беше времено затворено.

Ова е вторпат оваа заразна болест да се појави во училиштето, а пред осум месеци шугата била дијагностицирана кај истиот ученик. Директорката на училиштето, Елка Даскалова, денеска преку интернет страницата на училиштето ги известила родителите, како и за „вонредна дезинфекција поради појава на изолиран случај на шуга“.

Директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, д-р Ирина Бухова, тврди дека нема потреба училиштето да биде затворено. 

– Сите мерки се преземени, а состојбата се следи во континуитет. Нема потреба да се затвори училиштето во Карпош за еден случај на скабиес (шуга), но ова дете нема да посетува настава додека не се излекува, бидејќи станува збор за заразно заболување. Денеска во Центарот за јавно здравје Скопје од ПЗУ „Вивидерм“ стасала пријавна картичка за дете со оваа дијагноза на возраст од 8 години, а имало и телефонски повик од директорката на училиштето за истата ситуација. Екипа од Центарот уште веднаш го посетила школото, каде во моментот на увид немало деца на настава. Епидемиолозите дале известување и во тек е генерално чистење и дезинфекција на училиштето изјави д-р Бухова.

Пријавувањето на случајот е запазено во целост, па, според директорката на ДСЗИ, нема потреба од поднесување пријава.

– Станува збор за изолиран случај, а епидемиолозите дале препораки на персоналот за редовна хигиена во училиштето, а вработените ќе бидат едуцирани и за природата на ова заразно заболување и како тоа навреме да се препознае. По овие препораки мора да постапи директорот, бидејќи не знаеме како ќе се развива ситуацијата. Затоа школото ќе биде под засилен мониторинг, но нема место за паника – нагласи д-р Бухова.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...