Канческа им се извини на блиските поради собирите пред нејзиниот дом

407

По синоќешните собири на „Македонија бојкотира“ пред домот на поранешната министерка, таа им се обрати на своите соседи, роднини и пријатели, извинувајќи им се поради непријатностите.

Нејзиното обраќање го пренесуваме во целост:

„Сакам јавно да им се извинам на моите сограѓани, почитувани комшии, роднини и пријатели за синоќешниот настан кој беше организиран од страна на одредена група и се случи пред и околу мојата семејна куќа во населба Црниче.

Со организацијата на овој настан свесно или несвесно од страна на водачите и учесниците на групата се наруши приватноста, пред се, се наруши личниот и семејниот мир на луѓето кои живеат во ова место, на моите комшии, роднини и пријатели, и на сите мои сограѓани кои живеат во населбата Црниче.

Почитувам изразување на некој став што може секој да го искаже и сето тоа е легитимно, но не на овој начин. Никој не е должен да слуша одредени ставови на одредена група која сака да ги соопшти на некоја друга личност, нарушувајќи ја нивната приватност и нивниот личен и семен мир во местото во кое живеат. Треба да се почитува јавниот простор и да не се злоупотребува приватноста на никој од нас. Постојат места каде се изразуваат одредени ставови, а тоа јавниот простор, преку најразлични форми на изразување и дебата. Треба да ги почитуваме институциите на системот и дебатата да се одвива таму.

Доколку сето ова не се почитува од секој од нас, се друго води кон анархија, безредие и незрелост.
Во мојата семејна куќа живеам повеќе од 45 години, на почетокот со моите родители, сега и со моето семејство, и потесно и пошироко.

Во овие изминати години поминати заедно во ова прекрасно маало Црниче кое многу го сакам, и во кое маало моето детство е поминато заедно со сите останати кои живеат овде, не поврзуваат само убави моменти и лично и семејно се карактеризираат со длабока почит, љубов и искрено пријателство и помагање еден кон друг. Искрено жалам за тоа сто се случи синоќа, од мене лично и од моето семејство сакам уште еднаш да се извинам до сите вас“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...