Во едно од известувањата кои од македонското МВР биле испратени до судот, пишува дека министерот за внатрешни работи на Унгарија се слушнал и му потврдил на неговиот македонски колега Оливер Спасовски дека Никола Груевски е на нивна територија.
Ова беше соопштено од судот на денешното рочиште за Насилството во Општина Центар.
Поради недостапноста за македонските органи на прогонот обвинителката Фатиме Фетаи побара судот да донесе решение за судење во отсуство на Груевски.
Судијата Душан Јосифов го прифати предлогот што значи дека на избеганиот Груевски ќе му се суди во отсуство.
– Се работи за обвинителен предлог поднесен пред повеќе од 2 години со повеќе обвинети за дејствие преземено во 2013 година за кое е потребно да се испитаат поголем број сведоци и да се изведат материјални докази. Од друга страна неизвесно е кога ќе биде достапен да му се суди во присуство – рече Фетаи кога го образложуваше предлогот.
Одбраната очекувано се противеше на овој предлог и бараше наместо отсуство на Груевски да му се суди во одвоена постапка. Адвокатот Димитар Дангов рече дека всушност Груевски во поширока смисла на зборот е достапен за органите на Унгарија и на Интерпол поради распишаната потерница.
Тој, рече адвокатот, ја напуштил Република Македонија, но не постои бегство за да не биде пронајден, туку за да го искористи правото на барање азил и добивање статус на бегалец.
Додека адвокатот го објаснуваше правото на Груевски да бара азил и законските процедури за тоа, Фетаи го прекина и му порача да оди во Унгарија да го советува, а на рочиштето во судот да ги наведе причините зошто според него не треба да му се суди во отсуство.
Откако судијата Дарко Јосифов реши на Груевски да му се суди во отсуство, судењето продолжи со испитување на сведоци.
На судењето од затворот во Шутка беше спроведен и екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески кој мерката притвор ја доби пред неколку дена од причина што наводно и тој планирал бегство.